Search

Премиера на тетовското драмско студио „Летечка театарска трупа”

Драмското студио „Летечка театарска трупа” при Центарот за култура Иљо Антески Смок во текот на мај со една премиера и ново прикажување ги започнуваат годинешните активности и претставувања на работата пред публиката. На 8 мај со почеток во 19 часот ќе биде прикажана претставата „Возможна приказна – Абракадабра”.

– „Оној кој на другите прошка им дава во срцето радост става.” Со оваа порака низ безброј авантури во тајниот свет на волшебници од градот Ѕвездопад полни со магија, смеење, музика но и опасност која демне од гарголите на градот Огноград ќе биде раскажана нашата приказна.” Возможна приказна” е доказ дека магијата постои само што ние ја викаме љубов, изјави Зоран Јованоски од „Летечката театарска трупа”.

На 10 мај пред публиката студиото ќе се претстави со комедијата „Живкова слава” што претставува тетовска верзија на „Ивкова слава” на Стеван Сремац. Тетовци ќе може да се насмеат и да ги препознаат секојдневните случки од нивниот живот.

-Комедијата „Живкова слава” е тетовска верзија на безвременската „Ивкова слава” на Стеван Сремац. Некаде помеѓу двете светски војни на Ѓурѓовден, домашната слава на газда Живко во комичен клинч ќе се судрат табиетите, адетите и суетите на ликовите кои секој за себе отсликува еден свој свет. „Живкова слава” е доказ за нашата посветеност кон публиката, сцената и занаетот. На сите кои се жедни за здрав хумор, смеа и добра забава, топло им се препорачуваме, вели Јованоски.

Режијата и текстот за „Живкова слава” и „ Возможна приказна-Абракадабра” се на Владимир Јовановски. Главните улоги во комедијата се на Карло Јовановски и Ана Апостоловска, додека во детската претстава Марко Ристовски и Мила Глигоровска.

-Ние не сме обичен театар. Ние сме нешто како фабрика, само што нашата фабрика 11 години произведува среќа која при конзумирање како нус појава предизвикува насмевки и аплаузи. Ете така би го опишале нашиот дом наречен Летечката театарска трупа, нагласува Јованоски.

Во текот на 2018 година ова тетовско студио доби награди на фестивалот ДАФ за најдобра режија за претстава Дом за старци и најдобра претстава за деца „Од трње до ѕвезди”. Имаше две премиери и 18 репризи. Гостуваше во Канада каде пред тамошната македонска заедница беа играни две претстави.

Треба да знаете
Последни објави