Search

Многу новитети во работењето на Народната банка

Финансискиот сектор и во негови рамки централното банкарство е динамична област, соочена со промени и развој во сите сфери од делувањето. Како современа централна банка, Народната банка на нашата држава ги следи трендовите и постојано го надградува нејзиното работење. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска за 24 инфо вели дека нивните планови за годинава се преточени во годишната Програма за работа која содржи над 150 планирани активности. Покрај посветеноста на редовните работни процеси, во Програмата, посебен акцент е ставен на проектите насочени кон воведување новини во нивното работење од аспект на зголемување на ефикасноста, квалитетот, транспарентноста и сигурноста, како и натамошно усогласување со новите европски прописи, меѓународните стандарди и со барањата на ММФ.

-Дел од позначајните планирани активности се фокусирани кон понатамошно подобрување на аналитичката инфраструктура на макроекономските проекции, изработката на анализи и голем број аналитички белешки како поддршка при носењето на монетарните одлуки, како и на анализите за унапредување на оперативната рамка на монетарната политика. Секако, во тие рамки, значајни се и планираните активности коишто се поврзани со Националната стратегија за денаризација. Во контекст на одржувањето на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, меѓу позначајните проекти коишто планираме да ги оствариме годинава би ги издвоила проектот за унапредување на капацитетот за управување со кризи и развивање функција на Народната банка за решавање банка согласно со европската регулатива, унапредувањето на системските анализи и на макропрудентните политики заради одржување на финансиската стабилност. Во оваа област се предвидува и натамошен развој на информатичките алатки за следење на кредитниот и ликвидносниот ризик кај банките, како и други софтверски решенија за унапредување на известувањето на Народната банка- вели Ангеловска-Бежоска.

Таа истакнува дека годинава ќе се продолжи и со анализите за воведување нови инструменти во рамки на портфолијата на девизни резерви, а воедно се планира и воведување нова аналитичка рамка за следење на земјите во коишто може да се инвестираат девизните резерви заради натамошно зголемување на ефикасноста за управување со девизните резервите. Во исто време ќе се продолжи и со спроведување на новата регулатива со која се транспонираат директивите на Европската Унија во областа на платежните услуги. Во областа на статистиката, пак, планирано е да продолжи процесот на приспособување на изворите на податоци за екстерни статистики во условите на либерализацијата на капиталните трансакции со нерезиденти и примена на регулативите на Европската Унија за платежни услуги и платни системи.

Гувернерката со особено задоволство потенцира дека на почетокот на оваа година   успешно се финализираше еден многу значаен проект – приклучувањето на нашата земја кон највисокиот стандард на ММФ за дисеминација на статистички податоци – СДДС плус. Нашата земја е осумнаесетта во светот, а втора од Југоисточна Европа, којаштоги исполни условите и  пристапи кон СДДС плус – прва меѓу земјите од регионот кои сѐ уште не се членки на Европската Унија. Дел од овој стандард, меѓу другите, се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија, Австрија, Италија, Шведска и Јапонија. Според гувернерката, постигнатите резултати не се само потврда на заложбите на Народната банка за катадневно унапредување на централнобанкарското работење во земјава, туку и мотив за залагање со уште подинамично темпо да се работи и на нови проекти и да се воведуваат нови активности.

Она што може да биде особено интересно за дел од јавноста којашто ги следи статистичките податоци коишто ги објавува Народната банка е што го финализираме проектот за создавање аналитичка алатка којашто ќе овозможи полесен пристап и пребарување на податоците од страна на сите надворешни корисници. Алатка којашто ќе биде достапна за секого, преку веб-страницата на централната банка.

-Свесна сум дека, гледано од страна, ако се имаат предвид и среднорочните проекти коишто се започнати претходно, а коишто веќе треба да ги финализираме, обемот на планираните активности и проекти за претстојниот период можеби изгледа преголем, нереален, преамбициозен. Но, знаејќи какво е темпото на работа на тимот на Народната банка и знаејќи со каков ентузијазам и со колкава посветеност и пожртвуваност се пристапува во остварувањето на секоја зацртана цел во институцијата, сигурна сум дека сето она што го имаме планирано е остварливо и сигурна сум дека ќе успееме. Верувам дека со остварувањето на проектите планирани за годинава, од кои на еден дел веќе и се работи забрзано, со воведените новитети, промени и унапредувања, како централна банка ќе успееме да направиме неколку големи чекори до европското централнобанкарско семејство. Таму е целта кон која води патот што го одбравме и по кој како институција, одлучно чекориме – вели гувернерката.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави