Search

Преку заеднички часови до подобра меѓуетничка интеграција на младите во Скопје

На иницијатива на Град Скопје и Министерството за образование и наука, во учебната 2018/2019 година започнаа да се реализираат заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици, во рамки на редовната настава.
Часовите се реализираа во четири средни стручни училишта во Град Скопје – СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“, а во учебната 2019/2020 година се вклучија две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.
Пред да се започне со спроведување на иницијативата, одреден број на наставници од секое училиште беа обучени за реализација на заеднички часови. Советници од Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука редовно ги следат и набљудуваат часовите, со цел да им се пружи поддршка и менторство на наставниците.
Што е целта на заедничките часови?
Целта на заедничките часови е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу младите од различни етнички заедници и да се зајакнат интеркултурните компетенции на учениците од различни наставни јазици за заеднички живот во општеството.
Во наставата на кои предмети се одржуваат заедничките часови?
Часовите се одржуваат по предметите кај коишто постои поголема можност за соработка на учениците – спорт и спортски активности, странски јазик и практична настава по стручните предмети во стручните училишта.
Како се реализираат заедничките часови?
Часовите ги планираат и реализираат истовремено двајца наставници кои инаку предаваат на различни наставници јазици. Во текот на часот, наставниците постојано соработуваат, се надополнуваат и претставуваат позитивен модел за интеракција.
Мешани групи – Групите ученици се балансирани по наставен јазик, како и по род, доколку постоечкиот состав на ученици го овозможува тоа. Наставниците водат сметка работата во мешани групи во никој случај да не се одрази негативно врз постигнувањето на целите или резултатите од учење.
Еднаков третман – Сите ученици се третираат еднакво, рамноправно и непристрасно. Наставниците имаат ист пристап кон учениците, активно ги слушаат и им се обраќаат на сите ученици.
Соработка помеѓу учениците– Наставниците работат интерактивно со учениците и ги поттикнуваат меѓусебно да соработуваат. Доколку е вклучен натпревар, истиот да се организира исклучиво помеѓу јазично мешани групи.
Употреба на јазиците – Употребата на различните јазици е колку што е можно порамноправна. Учениците се изразуваат на јазикот на којшто се чувствуваат удобно да се искажат. не смее негативно да се одрази врз постигнувањето на целите или резултатите од учење.
Кои се придобивките за учениците од заедничките часови?
Заеднички стекнуваат знаења и вештини во мултикултурното опкружување
Ги запознаваат различните култури преку директен меѓусебен контакт
Се воспоставуваат меѓусебни подлабоки врски базирани на доверба
Се градат меѓусебни трајни пријателства преку кои се потпираат едни на други
Што велат учениците?
Дали се дружеше и надвор од часовите (за време на одморите, надвор од училиште) со учениците кои учат на друг јазик?
90% од учениците се поздравувале/ се дружеле и комуницирале и надвор од часовите со ученици кои учат на друг наставен јазик
Дали стекна нови пријателства со ученици кои учат на друг наставен јазик? 88% од учениците се стекнале со најмалку еден/една нов пријател/ка.
Дали би сакал/а и во наредната учебна година да имаш заеднички часови со учениците кои учат на друг наставен јазик?
80% од учениците би сакале да имаат заеднички часови и наредната учебна година.
Дали би им препорачал на учениците од другите класови кои немаат, да имаат заеднички часови со ученици кои учат на друг наставен јазик?
70% би им препорачале, додека пак 19% не знаат дали би им препорачале на други учениците да имаат заеднички часови.
Што најмногу им се допадна на учениците од учеството во заеднички часови?
Посетивме и научивме дел од традицијата на другите
Соработката со учениците од другите националности
Сите бевме заедно
Инересни ни беа посетите на црква и џамија
Дознавме повеќе работи и заедно посетивме објекти од различната култура
Дружењето и учењето на друг јазик
Дружба и меѓусебното прифаќање
Стекнав нови пријателства
Податоците се однесуваат на учебната 2018/2019 година, а се превземени од истражување во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Користени методи во истражувањето: (1) 156 ученици пополнија електронски прашалник; (2) 76 ученици учествуваа во 8 фокус групи; (3) 38 посети на час од советници од ЦСОО, БРО и претставници од Град Скопје (сектор за образование).

Треба да знаете
Последни објави