Search

Презентиран првиот периодичен мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во периодот од јуни до септември годинава имале високо ниво на транспарентност и отчетност, и достапност за комуникација. Информациите на своите веб страници ги поставувале во законски предвидениот рок, а јавноста имала и увид во финансиското работење на овие агенции.

Ова се главните заклучоци на првиот периодичен мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК, во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II”, презентиран денеска од страна на претставници на Евротинк – Центар за европски стратегии.

Горан Лазаров од Евротинк рече дека работата на АЕК се набљудувала во четири рамки – транспарентност и отчетност, ефикасност и независност, перформанси и јавен интерес, посочувајќи дека Агенцијата покажала високо ниво на транспарентност, но недостасува поголема отчетност во поглед на објавување на трошоците на директорот на Агенцијата, бидејќи за тоа нема никаква информација.

– Независноста на АЕК од политичко-економските центри на моќ е клучен предизвик за натамошното функционирање на регулаторот, како и за развојот на електронските комуникации. Европската комисија во последниот извештај за Македонија нотираше загриженост за способноста на регулаторот за независно работење, рече Лазаров.

Ги наведе резултатите од извештајот за јавното мислење на ЕК, според кое, иако 60 отсто од испитаниците знаат за регулаторот, речиси 70 отсто од граѓаните немаат информации за постапката за поднесување барање за решавање спор до АЕК.

Посочи дека со измените на Финансискиот план, прераспределени се 125 милиони денари, од кои 70 отсто се наменети за изградбата на антенскиот систем на АЕК на Водно.

Бројот на лицата вработени во АЕК, не е ист со листата на вработени објавена на Интернет страницата. Јавниот број вработени е 122, додека според правилата за систематизација има 133 работни места, рече Лазаров.

Додаде и оти се уште не е воведен бројот 112 за итни случаи, и покрај препораките на ЕК во последните десет години.

Истакна дека и веќе шеста година по ред, Европската комисија ја нотира загриженоста околу проблематичното трошење средства од буџетот на АЕК, за како што велат, политички цели, и апелира средствата на АЕК да се употребуваат исклучиво за регулаторни и мониторинг активности во областа на електронските комуникации.

Марјан Степановски од Евротинк, презентирајќи го извештајот за АВМУ, рече дека Агенцијата во набљудуваниот период имала солидно ниво на транспарентност и отчетно работење и оти редовно се објавувале трошоците на директорот.

Тој, меѓутоа, истакна дека на Интернет страницата на АВМУ не биле објавени известувањата за склучените договори за јавни набавки во 2018 година и оти треба да продолжи практиката од објавување на таквите договори во претходните години.

– Одолговлекувањето на законските измени ја стави АВМУ во „лимбо” позиција на исчекување на претстојните промени. Стратегијата за развој на аудио и аудио-визуелната дејност, иако беше најавена како приоритетна активност во 2018, се уште не е изготвена, рече Степановски.

Додаде дека АВМУ аргументирано ги критикувала измените на Изборниот законик, и оти треба да биде вклучена но и проактивна во креирањето политики и регулатива во медиумската сфера.

– Независноста на АВМУ од политичко-партиски центри на моќ и натаму претставува предизвик околу кој се кршат копјата на власта и на опозицијата, медиумската заедница и граѓанскиот сектор, рече Степановски.

Според него, АВМУ била активна на полето на медиумската писменост преку Мрежата за медиумска писменост и додаде дека Агенцијата реагирала кога медиумските работници беа оневозможени во својата работа, но и апелираше да известуваат веродостојно, професионално и непристрасно.

Емилија Јаневска, раководител на Секторот за програмски работи на АВМУ, ги презентираше новата директива на ЕУ за АВМУ, според која регулаторот треба да биде одвоен од Владата и функционално независен и при вршење на својата работа да не прима инструкции од кое било друго тело.

– Регулаторот да ги врши овластувањата непристрасно и транспарентно и во согласност со целите на директивата, а неговите надлежности и овластувања да бидат јасно дефинирани со закон, како и да има соодветни ресурси и овластувања за ефикасно спроведување на неговите функции, посочи Јаневска.

Натаму, рече, во Директивата јасно е наведено дека треба да има транспарентни процедури за назначување и за разрешување како на првиот човек на регулаторот, така и за членовите на колективното тело.

– Европската комисија ќе ја набљудува примената на овие принципи и може да преземе мерки доколку тие не се почитуваат, појасни Јаневска.

Во проектот учествуваат Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е поддржан од британската Амбасада. 

Треба да знаете
Последни објави