Search

Предметот за случајот Новартис доставен во грчкиот Парламент

Предметот за случајот Новартис што се однесува на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос, согласно Уставот и законот за „Кривична одговорност на министрите” денес беше доставен и соопштен во грчкиот Парламент, jави дописничката на МИА од Атина.

По обвинувањата на политичари и судии дека случајот со фармацевтската компанија Новартис е наместен, обвинителството на Врховниот суд на Грција, спроведе истрага, го состави предметот и случајот го достави до Парламентот.

Пратениците од владејачката партија, Нова демократија ќе одлучат кои ќе бидат следните чекори за поранешниот премиер и поранешниот министер, а веројатно е дека ќе побараат прелиминарна истрага за што потребни се потписи од најмалку 30 пратеници, но само за Папангелопулос, а не и за Ципрас.

Според грчките медиуми, овој заклучок произлегува од ставот што Кирјакос Мицотакис го изразил пред неговите соработници, дека неговите политички противници, тој не ги испраќа на суд, бидејќи „премиерите се оценуваат на избори, во свеста на граѓаните и на страниците од историјата.”

Поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА, за кој веројатно ќе се отвори истрага, минатата година, во изјава за медиумите, случајот со фармацевтската компанија „Новартис”,го карактеризираше како еден од најголемите скандали во Грција.

Тогаш, осомничени за вмешаност и корупција беа поранешни министри и премиери на Грција, а за дел од нив, предметите веќе се затворени.

Треба да знаете
Последни објави