Search

Предметите на СЈО заглавени во суд, Специјалните обвинители загрижени за нивната иднина

Предметите на СЈО заглавија во судот. Рочиштата не можат да продолжат се дури материјалите на Катица Јанева, не се префрлат во обвинителството на Љубомир Јовески. Додека не се реши кој ќе ги застапува овие предмети, има правна пречка судењата да продолжат. Ова го посочи и судијката Добрила Кацарска, која го одложи денешното рочиште за Транспортер. Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски, пред судот, само кусо одговори дека очекува постапката набрзо да заврши.

– „Тоа може многу брзо да се случи и предавањето на предметите и повторно доаѓање во судница, може и други обвинители може и истите обвинители како што кажа и обвинителот Јовески, каква техникалија ќе изведе ОЈО ќе видиме. (Ќе се одложат ли предметите?) Не, тоа може да се заврши за 10 дена.“ – изјави Бубевски.

Во меѓувреме, Специјалните обвинители, во соопштение до јавноста, изразија загриженост за нивниот статус и работа. Потенцираат дека без законска регулатива доведена е во прашање и безбедноста на материјалите со кои располагаат.

– „Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството.“ -стои во соопштението на СЈО.

Љубомир Јовески во изјава за МИА вели дека Основното обвинителство е подготвено да ја преземе работата на СЈО и не ја исклучува можноста предметите да ги застапуваат и актуелните специјални обвинители. Од друга страна, според голем дел од адвокатите на обвинетите во предметите на СЈО, нема законска основа за трансфер на предметите, а спорна е и законитоста на писмото на Јанева.

– „Нема законски основ СЈО да ги предаде на ОЈО, затоа што токму само СЈО беше единствено надлежно да гони кривични дела кои произлегуваат од незаконско следените комуникации, согласно законот за СЈО тие имаа можност да преземаат од ОЈО и такви предмети беа преземени пред четири години. Која е логиката сега после четири години, повторно да се вратат овие предмети во ОЈО?“ – изјави адвокатката Сања Алексиќ .

Загриженост за законитоста на постапката изразија и дел од експертите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и владиниот коалициски партнер ДУИ. Опозицијата се сомнева и дека во примопредавањето на предметите без законска регулатива за тоа, може да влијае и на истрагата Рекет, бидејќи во трансферот, велат, може да се изгубат клучни докази за оваа афера.

ЦЕЛИОТ ЛИНК ПРОЧИТАЈТЕ ГО ТУКА: https://www.24.mk/details/predmetite-na-sjo-zaglaveni-vo-sud-specijalnite-obviniteli-zagrizheni-za-nivnata-idnina

Треба да знаете
Последни објави