Search

Предлог буџетот за 2019 во матичната собраниска комисија, за мнозинството развоен, за опозицијата мегаломански

Предлог-буџетот за 2019 година од денеска е на расправа пред  матичната Комисија за финансирање и буџет, која според Деловникот може да трае 10 работни денови.  Предлогот пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски. За мнозинството тој е развоен и социјален, за опозицијата мегаломански.

Вкупните приходи во државната каса, според предлогот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

Министерот потенцира дека Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда, но и определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари, како што рече министерот, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциоските процеси за ЕУ и НАТО.

За тековните расходи се планирани во износ од 202,4 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.

Пред членовите на Комисијата одделно образложение за делот на Народниот правобранител даде и правобранителот Иџет Мемети кој рече дека оваа институција наредната година со предвиденито буџет ќе може подобро да ги извршува своите активности.

За мнозинството буџетот е развоен, социјален и со поддршка на евроатланските интеграции, додека за опозицијата мегаломански со нереални проекции.

Панче Иванов од СДСМ оцени дека предложениот буџет е развоен, социјален и со поддршка на евроатланските интеграции.

– Нема министерство каде нема мерки со кои се подобрува животот на сите структури на граѓани кои благодарение на вака предвидениот буџет од неговата реализација ќе им бидат подобрени условите за живот, рече Иванов.

Според него, развојната компонента на буџетот се гледа во програмата за економски раст каде се предвидени 4,1 милијарда денари и оти за 37 проценти се предвидени повеќе средства за растот на економијата.

-Сите мерки и средства ќе придонесат за унапредување на стопанството, а со тоа што ќе се унапреди економијата ќе се унапредат и сите други сегменти од живеењето, рече Иванов.

Осврнувајќи се на социјалниот аспект на буџетот рече дека тој не може и не смее да се оспори. Оцени дека  е најважно што е предвидено подобрувње на условите на живот на сите граѓани.

-Предвидено е зголемување на платите во јавна администрација, здравство, пензиите, а со реформите во социјалната заштита ќе се зголеми и бројот на оние кои ќе примаат додаток и на средствата што ќе ги добијат. Се очекува пораст на платите и во реалниот сектор, како и зголемување на вработеноста,  потенцира Иванов.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлогот е мегаломански и најголем досега, неразвоен со популистички мерки.

– Втора година по ред ја водите државата  и секоја година ги влошувте економските услови. Ги имавте најкатастрофалните економски политики во време кога Европа имаше стапки на раст, рече Кузмановска која и порача на власта да преиспита како ја води државата и економските политики.

Осврнувајќи се на предлогот рече дека капиталните инвестиции иако се зголемуваат согласно слабата реализација  нема да се реализираат и во 2019 година, намалување ќе има кај проектите за водснабдување, за културата, за гасификацијата е повисока но според темпото на работа нема да се исполни, намалување на средствата има во делот на животната средина, помалку средства за студентскиот стандард…

-За да може да се има целосна реализација на капитални инвестиции и да не биде само голо препукување меѓу партиите мислам дека е потребно заедничко вклучување. Да се направат приоритети за да не биде само популистичко читање овде, а ние како опозиција да критикуваме и на првиот ребаланс да не биде ништо остварено. Совет е да се направат приоритети тие што се први и важни заеднички да се изработат тие програми и да се држиме на тие решенија, а не дијапазаон на многу поекти а ништо да не е реализира, рече Кузмановска и порача дека на власт треба да се работи.

Потенцира дека граѓаните треба да знаат дека во буџетот наредната година се зголемуваат приходите со зголемени даноци, акцизи и придонеси при што се намалуваат субвенциите во земјоделството.

– Лесно ви е за собирање на приходите, но како ќе ги реализирате и дали знаете институционално да ги реализирате, рече Кузмановска и оцени дека буџетот се полни и оти нема потреба од прогресивно оданочувње, за што според неа, Македонија како држава и нејзината економија не се подготвени за прогресивно оданочување.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предлог буџетот е спротивно на ветувањето од времето на изборите и досега најголем.

-СДСМ велеше дека не е потребен толкав буџет, бидејќи половина од буџетот се троши за споменици, а половина се крадат.  Условно прифатено дека не се краде, 500 милиони евра има вишок, а гледаме дека не се прават споменици, освен ДУИ што прави по некој орел, велиме како сега е најголем буџетот на РМ и зошто е спротивно на ветувањето на СДСМ и зошто има потреба да се зголемуваат даноците, рече Димовски.

Тој забележа дека буџетот на прихдоната страна нема законска основа бидејќи е креиран со претпоставка за изгласување на законите за зголемување на даноците.

Оцени дека нема потреба од зголемување на даноците и оти тоа нема да се придонесе за зголемување на приливите, туку ќе се случи намалување на приливите.

Забележа што попладнево не е присутен министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот ден од расправата по буџет.

Треба да знаете
Последни објави