Search

Предавање на претседателот Иванов на универзитет во Бурса

Претседателот Ѓорге Иванов во рамки на работната посета на Турција одржа предавање на универзитетот  „Улудаг” во Бурса, каде што зборувајќи за соживотот во Македонија рече дека македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднинатa, бидејќи во својата основа подразбира почитување на различноста.

-Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој наш заеднички модел кој подразбира уживање на правата, но и почитување и споделување на обврските и одговорностите кои произлегуваат од уставниот поредок, подвлече претседателот Иванов, потенцирајќи дека ваквиот модел, Македонија не сака себично да го чува за себе туку да го споделува со светот што, според него, е особено важно денес.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ, Иванов исткнл дека македонскиот модел на соживот создавал луѓе со отворен ум кои ја прифаќаат и ја почитуваат различноста.

-Луѓе како Мајка Тереза, која е родена во 1910 година во Скопје, во Македонија. Во радиус, не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза стана синоним за човек кој го живее единството во различноста, рече Иванов.

????????????????????????????????????

Соживотот, нагласи македонскиот претседател, бил присутен и во борбата на македонскиот народ за слобода и независност. Сите апели, повици, манифести и декларации ја нагласуваат почитта кон различноста. Според претседателот Иванов, Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог. -Во 2003 година го иницираме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите и сме активни учесници во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации што беше формирана во 2005 година на иницијатива на владите на Шпанија и на Турција. Својата посветеност Македонија дополнително ја потврди како домаќин на четирите светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, рече шефот на државата.

Според него,  за некои држави на Балканот, во Европа, македонскиот демократски модел на соживот сè уште претставува предизвик. Но, едно е јасно, рече претседателот Иванов, нашиот модел втемелен врз позитивните искуства од минатото, е воедно и модел на иднината. „Ако во минатото сме можеле да живееме и да напредуваме заедно, можеме и мораме да се обидеме тоа да го постигнеме и во иднината. Разликата во отворениот и затворениот простор е во комуникацијата и интеграцијата. Честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, се гетоизира и измислува непријатели, нагласи македонскиот претседател во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг” во Бурса.

Треба да знаете
Последни објави