Search

Преговори меѓу авганистанските власти и талибанците

Претставници на авганистанското општество, меѓу кои и на Владата во Кабул, и делегација на талибанските бунтовници денеска во катарскиот главен град Доха ќе започнат тридневни преговори посветени на изградба на мерки на доверба.

Авганистанската Влада во вторникот го објави составот на нејзината делегација која брои 250 члена, меѓу кои и владини претставници, истакнати авганистански политичари, поранешни џихадистички лидери и граѓански активисти. Од вкупниот број делегати 37 се жени.

Првата средба на авганистански политичари и талибанците се одржа во февруари во Москва, но на неа не присуствуваа претставници на Владата во Кабул.

Ова е првпат талибанците да прифатат средба со претставници на авганистанската Влада, која ја сметаат за американски марионетски режим и досега одбиваа да преговараат со неа.

Напоредно со овие разговори, талибанците од минатото лето одржаа шест средби со претставници на САД со цел да се најде политичко решение за 18-годишната војна во Авганистан. Следната рунда американско – талибански преговори е предвидена за крајот на април во Доха.

Треба да знаете
Последни објави