Search

Прв пат објавена мерка за јакнење на жените земјоделки

 Жените во руралните средини да се охрабрат и да почнат сопствен бизнис, да станат носители и креатори на домашната економија, а не да бидат само дел од неа, порачаа денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, соопштувајќи дека е објавен повикот за грантови за жените земјоделки.

Јавниот повик кој, според Димковски и Бабовски, прв пат се објавува во земјава, предвидува по максимум 180.000 денари или 3.000 евра неповратни средства за подносителите на барањата, а крајниот рок за аплицирање е 26 декември 2019.

Целта е јакнење на руралните жени и подобрување на нивната економска состојба.

Проектираната поддршка е за инвестиции во доработка и преработка на примарни земјоделски производи, но и за набавка на опрема за постбербени активности, како и за директна продажба од фарма.

Корсиници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства чиј носител е жена, правни лица водени од жена, односно трговски друштва или трговци – поединци регистрирани согласно Законот за трговски друштва.

– Целта на оваа мерка е да ја подобриме економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени земјоделки и да придонесеме за вреднување на нивниот труд. Инвестирањето во жените земјоделки е инвестирање во еднаквите можности за сите во државата, напомена министерот Димковски и додаде дека очекува голем интерес за повикот.

Според директорот Бабовски, мерката ќе опфати овошје и зеленчук, житарки и мелнички производи, растителни и животински масла, шира и сок од грозје, вино, оцет, маџун, месо и месни производи, млеко и млечни производи,…

-Прифатлива инвестиција е и набавка на опрема за ладење и замрзнување, сечење, конзервирање, сушење и етикетирање на производи, опрема за мерење и квалитет, за манипулација, утовар и истовар, за подобрување на стандардите за благосостојба на животните, рече Бабовски.

Засега во државава се регистрирани 170.000 земјоделци од кои околу 20 отсто се жени.

Треба да знаете
Последни објави