Search

Прв ден од работната посета на МНР Никола Димитров на Брисел

Во рамки на посетата на Брисел, денес министерот за надворешни работи Никола Димитров, оствари средба со еврокомесарот Јоханес Хан и со шефот на кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин.

На средбата во Европската комисија со комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, се разговараше за последните внатрешно-политички случувања и постигнувањата во реформските области во земјата, во светло на евроинтегративната перспектива на Република Северна Македонија. Министерот Димитров ја реафирмираше посветеноста на европските вредности, изразувајќи уверување дека во октомври земјите-членки ќе ја препознаат и валидираат истата со позитивна одлука за почеток на пристапните преговори. Од страна на еврокомесарот беше потенцирано дека земјата ги исполни очекувањата на тој план со што изгледите за добивање позитивна одлука за отпочнување пристапни преговори со ЕУ, се повеќе од реални.

МНР Димитров: „Останува уште малку време до моментот кој ќе може да се смета не само за заеднички успех, туку испишување на историја со предзнак на иднина. Овде сум за да уверам дека позитивната одлука во октомври е заслужена и најдоброто решение за иднината на Северна Македонија, на регионот, но и во интерес на самата ЕУ.”

Министерот Димитров му ја честиташе номинацијата за новата функција на комесарот Хан во идната Европската комисија.

Во контекст на евроинтеграциите се разговараше и на средбата со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на Доналд Туск, на која беа разменети мислења за процесот на донесување одлука на Советот на ЕУ во октомври и во таа прилика беа уште еднаш изнесени нашите очекувања за недвосмислено „да”.

По средбите, попладнево, МНР Димитров ќе се обрати на приемот кој по повод на Денот на независноста, 8 Септември, го организираат дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Брисел.

Посетата на Брисел продолжува утре со работна средба со амбасадорите на земјите-членки при Европската унија (КОРЕПЕР). Министерот ќе учествува и на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел посветен на патот на Република Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција.

Треба да знаете
Последни објави