Search

Први случаи на вирусот Чикунгуња во Шпанија

Во Шпанија се регистрирани први случаи на лица инфицирани од вирусот Чикунгуња, што го пренесуваат египетските и азиските тигрести комарци, јави ДПА.

Како што соопштија здравствените власти на шпанскиот регион Валенсија, станува збор за тројца членови на едно семејство по потекло од Исланд, кои биле на одмор во градот Аликанте во источна Шпанија.

Засега не е познато како заболените се инфицирале со овој вирус.

Вирусот ја предизвикува треската Чикунгуња, чии симптоми се слични како оние на грип – висока температура, главоболка и болки по телото. Повеќето од инфицираните лица со овој вирус целосно заздравуваат, а смртните случаи се многу ретки. Сепак, вирусот може да биде опасен за хронично болните, бремените жени и доенчињата. Засега нема вакцина или утврдена терапија против оваа треска.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), вирусот Чикунгуња се среќава во многу земји во Африка и во јужна и југоисточна Азија. На почетокот на овој век вирусот се појави и во Централна и Јужна Америка, а првите случаи во Европа беа регистрирани во 2007 година, прво во Италија, а подоцна и во Франција.

Треба да знаете
Последни објави