Search

Пратеничките групи го разгледуваат предлогот на ДУИ за ветинг

Формирање агенција задолжена за ветинг на сите функционери од претседателот на држава до член во совет на општина, предвидува првата верзија на законот за ветинг, што ДУИ вчера им ја достави на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Партиите го поддржуваат ветингот но сепак, прво сакаат детално да го разгледаат предложеното и потоа да излезат со став за целокупниот процес и за тоа дали е потребно формирање на посебно тело за ветинг.

ДУИ, како што информираше вчера на прес-конференција Артан Груби, ги очекува нивните првични коментари во текот на следната недела. Тој додаде дека се надева оти партиите ќе се усогласаат и заеднички ќе поднесат едно законско решение, кое ќе биде поддржанo од сите.

– Законот е многу амбициозен. Со него се формира агенција од директор и заменик директор, како и служба и предвидува проверка на сите актуелни и кандидати за идни функционери на сите позиции од претседател на држава до член на совет на општина или член на управен одбор, пратеник, министер, заменик-министер, директор, заменик-директор, сите обвинители и судии, појасни вчера Груби.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов денеска на прес-конференција изјави дека вчера добил информација дека е доставен предлогот на ДУИ, но оти тој лично не го разгледал.

Костадинов нагласи дека пратеничката група на СДСМ треба да го разгледа предлогот и да изнесе став и напомена дека тој лично смета оти во моментов постои ДКСК, која ги има механизмите согласно пријава или по допрен глас да отвори постапка и да утврди индиции за одреден функционер дали работи согласно законите, а доколку има сомнеж тоа понатаму да се проследи до правосудните органи.

– Антикорупциска е добар филтер за тие работи, тоа е мој личен став. Останува парламентарната група на СДСМ да го разгледа законот и да ги усогласиме ставовите, рече тој и додаде дека ДКСК доколку има сомнежи може да отвори постапка и за судии и за јавни обвинители и по нејзина препорака може ако има сомнежни да го проследи понатаму случајот до надлежните за нивно разрешување.

Пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова го поздрави законот за ветинг, но напомена дека нејзината пратеничка група се уште го нема разгледано.

– Јас лично, а верувам дека тоа е и став на членовите на пратеничката група, сметам дека е за поздравување ваквиот предлог на ДУИ и вакво нешто уште од поодамна и е потребно на нашата држава, контрола мора да постои, посебно на јавните функционери и во таа насока ќе го разгледаме и ќе поднесеме амандмани, нагласи таа.

Според неа, колку е поригорозно ова законски решение, толку тоа ќе биде подобро за државата.

Комплексно е прашањето на каква проверка треба да бидат подложени функционерите, вели таа, но додава дека мора да има повеќе насоки и критериуми, освен имотната состојба и начинот на кој е стекнат имотот функционерот мора да биде лице со интегритет и етички квалитети.

Александрова смета дека Антикорупциска добро си ја врши работата и оти овој закон не посочува на недостатоци во Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска на прес-конференција изјави дека се што е доставено до неговата партија сериозно се разгледува, детално се читаат членовите за да може да се заземе сериозен став, кој ќе значи серозност во постапките за да може да се напредуваме како држава.

Тој нагласи дека расчисистувањето во јавниот сектор мора да почне од главата, но не сакаше конкретно да одговори дали неговата партија ја поддржува идејата за формирање агенција за ветинг, повторувајќи дека прво детално ќе биде разгледан предлогот, а потоа ќе излезат со став.

Во однос на тоа дали поддржуваат ветинг на обвинители и судии, Стоилковски вели дека тоа не е нова идеја и оти тоа била предложена и од неговата партија.

Треба да знаете
Последни објави