Search

Пратеници од Нова демократија бараат одговор за обвинувањата за руско мешање во Грција

Пратеници на опозициската партија Нова демократија доставија пратеничко прашање до шефот на грчката дипломатија во врска со „јавните споменувања околу руска вмешаност во внатрешните случувања во Грција и сериозните меѓусебни обвинувања меѓу поранешните министри за надворешни работи и одбрана”, Никос Коѕијас и Панос Каменос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пратеничкото прашање пренесен е ставот на лидерот на партијата Независни Грци, Каменос, од 19 април, кога тој во Парламентот, како што наведува НД, „тврдеше дека Коѕијас во периодот додека беше министер за надворешни работи насочуваше процеси за конкретна компанија да го преземе издавањето визи, паралелно презентирајќи електронска пресметка преку мејлови меѓу дипломати”.

Во продолжение ја споменуваат изјавата на Коѕијас дека „пораките доставени од Каменос немаат врска со серверот на Министерството”.

– Тој додаде дека мејловите потекнуваат од американски сервер и според тоа следењето би можело да биде само од хакери на грчката Национална разузнавачка служба, на Русите или на Кинезите. По изјавите на господинот Коѕијас на 13 мај, Руската амбасада го повика да ги презентира податоците, истакнувајќи дека во спротивно „би било добро да се избегнуваат нови обвинувања околу руска вмешаност во внатрешните работи на Грција”, пишува во пратеничкото прашање од Нова демократија.

Пратениците од опозициската партија, го прашуваат шефот на грчката дипломатија дали се преземени чекори за проверка на она што го тврдеше Коѕијас и која е вистинската содржина на овој случај.

Одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој воедно е еден од пратениците кои го потпишаа пратеничкото прашање, вели дека ваквите игри „ја изложуваат земјата на меѓународно ниво, покренуваат прашања и загриженост кај граѓаните”.

– Доколку се точни обвинувањата, станува збор за многу сериозен случај за кој ќе треба, не само да се истражат сите димензии, туку и да се наметнат неопходни санкции. Доколку не е точно, несфатливо е Владата да дозволи дегенерација на политичкиот живот на земјата во лоша имитација на Џон Ле Каре, за да им служи на лични агенди и да цели кон политичко преживување, вели Кумуцакос.

Треба да знаете
Последни објави