Search

Пратениците ја завршија расправата во прво читање за четири закони со европско знаменце

Собранието денеска во рамки на 86. седница ја заврши расправата во прво читање на четири закони со европско знаменце, а собранискиот претседател Талат Џафери дополнително ќе го закаже гласањето за овие законски решенија да одат во натамошна собраниска процедура .

Во собраниската сала на денешната седница не присустуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а расправата за повеќе законски решенија кои беа на дневен ред воопшто не беше отворена, бидејќи тие се уште не поминале во матичните комисии.

Меѓу законите за кои пратениците расправаа во прво читање и кој има европско знаменце беше Предлогот на закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Снежана Калеска Ванчева од СДСМ  истакна дека сегашниот закон, што е донесен во 2006 година е нецелосен и постои потреба од негово допрецизирање, но и дополнување во смисла на овозможување на поголема отвореност.

-Секој да има право на пристап до информирањето, а државните институции да ја имаат обврската на јавноста да и овозможат пристап до таквите информации, потоа обврска за објавување на овие информации од страна на сите државни институции и пред се тоа да се прави редовно, нагласи таа и додаде дека точно треба да се дефинираат исклучоците кога нешто нема да се смета за информација од јавен карактер.

Истакна дека треба да се размисли и за скратување на рокот да се даде информација од јавен карактер. Согласно предложеното законско решение државната институција треба или веднаш или најдоцна до 20 дена на барателот на информацијата да му ја достави. Калеска Ванчева смета дека крајниот рок треба да се намали.

Расправата во прво читање заврши и Предлог-законот за услуги, Предлог на закон за тутун, производи од тутун и сродни производи и Предлог на закон за акцизи, кои исто така имаа европско знаменце.

Пратениците расправаа и за Предлог на законот за прекинување на бременоста во прво читање. Заменик-министерот за здравство Асим Муса истакна дека со новото законско решение  всушност се ревидираат ограничувачките одреби од сегашниот закон и на некој начин се спречуваат нелегалните абортуси, кои се секогаш ризични.

Целите на новото законско решение, додаде тој е остварување на правото на жената на безбеден прекин на бременоста, укинување на постојните административни процедури/ бариери за спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, давање комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, реално укажување на можните компликации при кои пациентката треба веднаш да се јави на лекар, одлуката за прекин на бременост да ја донесе  пациентката свесно, без принуда од било кого врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата.

Законот за прекинување на бременоста се заснова на начелата на слободно одлучување за раѓањето и бројот на децата, достапност до советување, информираност, приватност и доверливост, достапност  на безбедна и квалитетна интервенција и примена на препорачаните методи на прекин на бременоста.

Со законот се уредува постапката за одобрување на прекинување на бременостa без дополнителни административни процедури односно бариери за да не се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, пристап до информации согласно стручно упатсво за безбеден прекин на бременоста за да може жената да донесе одлука и да даде писмена согласност за спроведување на интервенцијата, прекинување на бременоста, на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, до 12-та гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство, утврдување на случаите кога може да се изврши прекинување на бременоста по истекот на дванаесеттата гестациска недела.

Се уредува и прекинување на бременоста, на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, по 12-та до 22-та гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство,со можност за барање на дополнително мислење од друг лекар  специјалист по гинекологија и акушерство.

Исто така се уредува и прекин на бременоста, на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, по 22-та гестациска недела во постапка пред првостепена комисија и право на приговор до второстепена комисија, а се уредуваат условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa за да прекинувањето на бременоста се спроведува согласно востановени медицински стандарди, упатства и протоколи заради минимизирање на опасностите по животот и здравјето на жената.

Пратеничката Катерина Кузмановска рече дека од јуни 2013 година кога беше донесен претходниот закон по скратена постапка законот до денес не е намален бројот на абортуси, ниту пак е зголемен наталитетот.

Таа потсети на протестите тогаш на граѓански организации, чии учесници тогаш истакнуваа дека со тоа законско решение земјата се враќа 50 години назада.

Расправата во прво читање ја поминаа и законите за Предлог-законот за услуги, Предлог на закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, Предлог на закон за акцизи.

Расправата заврши и за Предлог на закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка.

Анета Симеска Димовска од СДСМ појасни дека со ова законско решение професионалните војници кои навршиле 45 години, со што им преставува можноста да се занимаваат со оваа професија, со новото законско решение ќе можат без оглас со спогодба да бидат преземени како цивилни лица во Министерството за одбрана.

Џафери продолжението на седницата го закажа за 25 февруари во 11 часот.

Треба да знаете
Последни објави