Search

Пратениците на Мицотакис не даваат во Парламентот да влезат договорите со Северна Македонија

Околу 40 пратеници од Нова демократија не му дозволуваат на Мицотакис да ги донесе за гласање во Парламентот договорите со Северна Македонија, заканувајќи се дека ќе гласаат против, велат, меѓудругото, од грчката опозициска партија СИРИЗА во соопштението во кое ја кометираат вчерашната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Во грчкиот Парламент на 14 и  на 15 септември беа доставени предлог-законите за трите договори меѓу Северна Македонија и Грција, односно за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, а согласно процедурите, прво треба да добијат зелено светло од надлежната Комисија за надворешни прашања и одбрана, а потоа да бидат ратификувани.

Откако поранешниот грчки премиер, а сега лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас пред десетина дена најави дека тие како партија ќе побараат гласањето за ратификацијата на договорите да биде јавно и со прозивање на секој пратеник, според медиумите во Грција, постоело незадоволство во пратеничката група на Нова демократија, а Владата ќе ја одложи ратификацијата.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас неодамна изјави дека ратификацијата не е итна.

Информативниот портал „Ин“, пишува дека засега Владата го замрзнува процесот на ратификација „што кога ќе се одржи ќе биде crash test во внатрешноста на Нова демократија“.

Портпаролот на грчката, Влада Стелиос Пецас, минатата седмица, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека „не постои никакво прашање околу ратификацијата на договорите со Северна Македонија“, објасни дека Нова демократија „како опозиција направи сѐ што можеме за да го спречи“ Договорот од Преспа, но сега кога Грција, во односите со Турција се повикува на меѓународото право, не може да не го зема предвид меѓународниот договор со Северна Македонија.

За трите договори, кога и да дојдат во Парламентот, од опозициските партии, освен СИРИЗА, според најавите, позитивно ќе гласа и Движењето на промена.

Треба да знаете
Последни објави