Search

По топлотниот бран, делови од Европа се соочуваат со суша

По рекордно високите температури што неодамна ја зафатија Европа, делови од континентот сега се соочуваат со суша што ги уништува жетвите, предизвикува недостаток на вода и го доведува живиот свет во опасност. Поради тоа, експертите предупредуваат дека Европејците мора подобро да се подготват за она што денес веќе станува нормално.

Неколкунеделните сушни временски услови доведоа до рестрикции на водата во голем дел од Франција, која не е единствената европска земја што се соочува со сушно лето. Шпанија, исто така, ја регистрира својата трета најсушна година овој век.

Сувото време, исто така, погоди и делови од Германија, Полска, Чешка и скандинавските земји. Овој месец, Литванија прогласи вонредна состојба, со суша која се очекува да ги преполови нејзините реколти.

Сето ова следи по низа рекордни температури во јуни низ поголемиот дел од континентот.

Осигурителните компании проценуваат дека минатогодишната суша ја чинела Европа неколку милијарди долари. Експертот Блаз Курник, од Европската агенција за животна средина во Копенхаген, истакнува дека тоа е само дел од вкупната штета.

„Исто така има и загуби кои не можат директно да се проценат во пари, како што се трајното оштетување на шумите, губењето на биолошката разновиднос…што може да се поправи во следните години – или не“, рече тој.

Според една швајцарска студија објавена на почетокот на овој месец, како и другите делови од светот и Европа ќе биде драстично поинаква до 2050 година. Климата во Лондон ќе почне да наликува на онаа во Барселона, а Мадрид ќе биде повеќе како Маракеш.

Експертот за климатски промени Курник вели дека на некој начин, Европа се подготвува за овие промени. Топлотниот бран во Франција во 2003 година уби 15.000 луѓе. Тоа не се случи оваа година. Некои фармери засадуваат култури кои се отпорни на суша и усвојуваат поефикасни методи за наводнување. Но, тој вели дека напорите се неконзистентни.

Истовремено, прогнозата за следната недела предвидува уште еден топлотен бран во Франција – без дожд на повидок.

Треба да знаете
Последни објави