Search

По апелите на Вархеј, политичките партии со поместени позиции за новиот закон за ЈО

СДСМ и ДУИ испорачаа до ВМРО-ДПМНЕ нов предлог-закон за Јавно обвинителство, што најголемата опозициска партија ќе го анализара деновиве. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, истакна дека неговата партија и коалицијата се подготвени за тој чекор, а опозиционерот Антонио Милошоски навести дека постојат одредени шанси за договор за законот, ако се постави како приоритет.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски наведе дека по анализирањето на новиот предлог-закон за ЈО, се очекува да биде договорен термин за средба со претставниците на СДСМ и ДУИ и да се разменат аргументи.

Во врска со пораката на еврокомесарот Оливер Вархеј, кој изрази надеж дека сегашниот парламентарен состав ќе даде приоритет на новиот закон за ЈО, консатирајќи дека тоа ќе биде добар знак упатен до земјите-членки, Милошевски посочи дека ја толкува како изјава што ја демантира министерката за правда Рената Дескоска оти носењето на овој закон не е неопходно.

Заев е оптимист дека до 12 април и пред распуштање на Парламентот, ќе се донесе законот за јавното обвинителство. Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да изнајдат заедничко решение.

– Сакам да биде донесен законот. Верувам дека до 12 април имаме некои неполни четири недели. Треба да направиме се. Разговарав со еврокомесарот дека СДСМ и коалицијата се подготвени. Замолив да разговара со опозицијата. Веројатно е разговарано. Овие денови верувам дека ќе се направат и дополнителни контакти зашто привршуваат разговорите за изборниот закон. За да се заврши оваа работа, треба да најдеме решение, напомена Заев, додавајќи дека во новото законско решение, веќе нема Специјално јавно обвинителство.

Премиерот Оливер Спасовски во интервјуто за МИА нагласи дека усвојувањето на Законот за јавно обвинителство од сегашниот парламентарен состав не е услов за добивање одлука за старт на преговорите, но дека неговото донесување ќе биде сериозна препорака за Европскиот совет дека навистина имаме сериозен напредок.

Претседателот на Собранието Талат Џафери апелираше до партиите што побргу да ги приближат ставовите за Законот за Јавно обвинителство.

Димитров, во интервјуто за МИА, нагласи дека сега сме ставени на тест дали ќе може ова да го издигнеме вон изборниот контекст и во тој случај во март, како што рече, „можеби би можеле да прогласиме една заедничка победа и на владејачката партија и на опозицијата, на цел народ, на некој начин и на целото општество или ова ќе го направиме предмет на меѓупартиски препукувања”.

– Ако еврокомесарот, кој очигледно е наш сојузник и работи на таа агенда да го направиме конечно овој пробив во заслужената следна фаза, ако тој вели важно е ова да се донесе во сегашниот парламентарен состав, ќе се види дали сме само декларативни во заложбите и едноставно е. Кој нема да гласа и нема да учествува во таков закон, во кој се вградените сите забелешки и сугестии на ЕК, не е чесен и искрен пред гласачите и пред граѓаните кога вели сакам ЕУ, но не сакам да го правам тоа што ЕУ сугерира дека треба да се прави за да се успее, истакна министерот за надворешни работи.

Од Министерството за правда изразја очекување дека опозицијата ќе ги земе предвид интересите на граѓаните, а не нечии лични интереси.

Треба да знаете
Последни објави