Search

Почна снимањето на првиот долгометражен Македонски филм за деца “Стела”

По едногодишни интензивни подготовки, продукциската куќа „Дрим Фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ се подготвени за почеток со снимање на играниот филм “Стела“. Снимањето, кое официјално започна со пробните снимања се одвива на територијата на Македонија и тоа во Скопје , а потоа продолжува и во живописниот Галичник, како и во Штутгарт Германија. Режисерот Стојан Вујичиќ и Продуцентот Огнен Антов најавуваат прв Македонски семеен долгометражен филм за деца.

Стела е приказна за едно куче Шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилчично, но не е. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради булинг во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата Шарпланинка Стела, за прв пат на филм е 12 годишниот Петар Маниќ, како и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Гого Клинчаров, Костимограф на филмот Милена Миленковиќ, а снимател на звук е Срѓан Бајски. Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (Продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, филмскиот Проект „СТЕЛА“ поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“, а горд спонзор на филмот е Витаминка.

Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови, и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.

Дрим Фектори е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери како и млади реќисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот. Од последните остварувања на ДРИМ ФЕКТОРИ е играниот филм “ЏГАН“ во режија на Вардан Тозија, добитник на повеќе награди и учесник на преку триесетина филмски фестивали ширум светот, потоа малцинските копродукции “Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљковиќ (Кој својата Светска премиера ја имаше во рамките на светскиот фестивал од А категорија ТОРОНТО интернационален филмски фестивал- каде што доби награда од публиката, а до сега е прикажан на педесетина фестивали меќу кои е и САНДЕНС филмскиот фестивал основан од Роберт Редфорд), и “Височините“ во режија на Виктор Божинов рабптен според романот на Милен Русков добитник на наградата за Европски роман на годината, кој беше најголем кино хит за 2018 година во Р.Бугарија.

За прв пат во Македонија филмот Стела се реализира како прва ЕКО или ЗЕЛЕНА продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.

Треба да знаете
Последни објави