Search

Почна реконструкцијата на патот до селото Маловишта

Жителите и многуте туристи што го посетуваат селото Маловиштa набргу ќе пристигнуваат до ова населено место по нов асфалт, потфат што не е направен во изминатите 40 години. Почна реконструкцијата на патниот правец од селото Кажани кон селото Маловишта, во должина од 4 километри.

Отсекогаш потенцирав дека општината не е само градското јадро, туку е целиот опфат околу градот и ова потврдува дека тие политики во таа насока ги движиме. За овој проект, Општината ги изготви планската документација, одлуките на седниците на Советот, како и кофинансирачкиот дел, кој е над 2.300.000 денари. Во оваа насока ќе продолжиме да се движиме затоа што нам ни треба рамномерен развој насекаде и само на таков начин луѓето ќе може да живеат во своите населби, онаму каде што биле нивните корења и да ја гледаат перспективата во своите домови“, рече градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Трајан Димковски, посочи дека поддршката за Општина Битола е голема затоа што аплицира со проекти за кои преку програмата за рурален развој ќе бидат вложени 42 милиона денари.

„Сите овие проекти што се реализираат на терен се само потврда за мерките што се преземаат за подобрување на животот во руралните средини преку инфраструктурни проекти, подобрување и обезбедување достоинствен живот за сите граѓани“, рече министерот Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Никола Бабовски, истакна дека преку Програмата за рурален развој обезбедени се 16,3 милиони денари за овој патен правец.

„Знаеме што значат поддршката и развојот на руралните средини и преку ваквите проекти ги развиваме потенцијалите на малите населени места, како што е селото Маловишта. Исто така, овозможуваме во малите средини младите да може да развиваат свој бизнис, да може тука да ги основаат семејствата, да вложуваат во руралниот туризам и да вршиме заштита на културно-историските споменици“, рече Бабовски.

 Селото Маловишта е единственото село сместено на територијата на Националниот парк Пелистер.

Треба да знаете
Последни објави