Search

Почнаа подготовките за пробното ПИСА-тестирање во 2021

Со онлајн-обуки на наставниците и директорите од средните училишта во државава, Министерството за образование и наука ги почна подготовките за претстојното пробно тестирање за ПИСА. Министерката за образование и наука Мила Царовска им посака успешна обука на наставниците и директорите, посочувајќи дека тие се најважната алка во постигнувањето добри резултати на тестирањата.

– За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост е потребна огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на којшто тие ќе го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите коишто ќе ги постигнеме идната година. Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди, се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука којашто треба да ни ги подобри резултатите на престојните тестирања, рече Царовска.

ПИСА (Programme for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците  на возраст од 15 години, главно во три подрачја: оспособеност за читање со разбирање – и критички пристап во читањето пишани материјали, математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање проблем со организирање и толкување на дадени информации и избирање метод за решавање, и писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење  научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.

– ПИСА е циклична континуирана програма која дава увид во образовните политики и практики и помага во следењето на трендовите во стекнување знаења и вештини кај учениците на иста возраст во различни земји и различни демографски подгрупи во секоја држава. Оваа проценка не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го искористат наученото во непознати ситуации, во училиште и надвор од него, информира МОН за тестирањето ПИСА, кое го организира Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Треба да знаете
Последни објави