Search

Почина уште едно бебе со морбили на Клиниката за детски болести

Тринаесетмесечно бебе вчера почина на Клиниката за детски болести од компликации предизвикани од морбили, соопшти Министерството за здравство. Пред два дена на Клиниката за инфективини болести почина шестмесечно бебе со мали сипаници кое имало компликација на белите дробови.

„Вчера во попладневните часови почина уште едно дете од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести во Скопје. Станува збор за 13 месечно дете од Свети Николе, кое и претходно имало други здравствени проблеми. Ова е второ дете кое почина од компликации предизвикани од морбили“, соопштија од Министерството.

Во соопштението се наведува дека Министертвото за здравство искрено жали што овие деца се жртви на епидемијата од морбили, болест која може да се спречи со вакцинација.

„Уште еднаш апелираме до сите родители, најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување. Вакцината во здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен европски квалитет и рок на траење“, велат од Министерството.

Треба да знаете
Последни објави