Search

Почина уште еден повреден во несреќата кај Ласкарци, бројот на жртви се искачи на 15

Изутринава почина уште еден од повредените во тешката сообраќајна несреќа која што се случи на патот Скопје – Тетово, со што бројот на жртви се искачи на 15. Како што потврдуваат од Министерството за здравство, станува збор за 39-годишен маж којшто со тешки повреди беше задржан на лекување на КАРИЛ-Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување.

,,На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје, утринава во 5 часот, почина уште еден од патниците кои настрадаа во сообраќајната незгода кај селото Ласкарци. Станува збор за петнаесетиот загинат, маж на возраст од 39 години во оваа голема несреќа. Патникот при несреќата се здобил со тешки повреди на градниот кош и белите дробови и веднаш пренесен во Болницата „8-ми Септември“. Но, поради сериозноста на повредите уште ноќта бил префрлен КАРИЛ.

Врз повредениот биле извршени две операции истата вечер откако бил донесен на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување поради големо крварење од белите дробови. За жал поради сериозноста на повредите, утринава починал”, се наведува во соопштението.

Пред два дена кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо Tурс“. На лице место загинаа 14 патници, додека голем број беа спасени со помош на локалното население, кое што помогнало во нивното излекување. Тие се хоспитализирани на скопските клиники. Неколкумина од нив се уште се во критична состојба.

Анализата на примероците на крв и урина на возачот покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции.

Автобусот што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, по наредба на јавен обвинител ќе биде вештачен од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Се уште се утврдуваат причините за несреќата.

Треба да знаете
Последни објави