Search

Почина рускиот писател Андреј Битов

Големиот руски писател Андреј Георгиевич Битов почина вчера во болница во Москва, на 82 години, потврдија неговите пријатели и семејството.

Роден во 1937 година во Ленинград, Битов уште додека беше жив стана неспорен современ класик на руската литература. Тој е еден од најпреведуваните руски писатели на модерното време и се смета за двигател на постмодернизмот во руската литература.

Битов завршил студии по геологија на Институтот за рударство и виши курсеви за сценаристи и режисери. Првата книга раскази ја објавил во 1963 година.
Негови најпознати дела се „Гулаг како цивилизација“, „Аптекарски остров”, „Седум патувања”, „Денови на човекот”, „Пушкин Куќа”, „Грузискиот албум”, „Човек во пејсаж“, „Новиот Гуливер “, „Неизбежноста на ненапишаното“, „Погребот на лекарката”,„Петтата димензија”, „Патување од Русија”, „Нулта том”.

Романот „Пушкин Куќа” е преведен на повеќе европски јазици, а во Франција ја доби Наградата за најдобра странски книга на годината.

Меѓу наградите што Битов ги има добиено се и најважните руски книжевни награди: „Андреј Бели”, „Буњиновата награда“, „Големата книга” и „Јасна Полјана”.

Тој е еден од четворицата основачи на самиздатскиот алманах Метропол (1979), поради што во Советскиот Сојуз не беше објавуван до 1986 година.

Покрај прилозите и романите, Битов исто така пишувал публицистички текстови, како и филмски сценарија.

Тој беше еден од основачите на рускиот ПЕН-центар (1988), чиј претседател беше од 1991 до 2016 година. Во последните неколку години, Битов беше потпретседател на меѓународниот ПЕН. Тој беше почесен член на Руската академија на уметностите.

Треба да знаете
Последни објави