Search

Почина актерот Дејвид Проус, оригиналниот Дарт Вејдер од „Војна на ѕвездите“

Британскиот актер Дејвид Проус, најпознат по улогата на Дарт Вејдер во оригиналната трилогија на „Војна на ѕвездите“, почина по кратко боледување на 85-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја потврди неговиот агент Томас Бовингтон за Би-Би-Си.

„Нека силата е со него, секогаш. Иако тој се прослави играјќи чудовишта, за мене и за сите други кои знаеа и работеа со него, Дејвид беше херој. Ова е голема загуба за нас и за милиони негови обожаватели ширум светот“, рече тој.

Проус го отелотворуваше познатиот негативец во првите три филмови за франшиза „Војна на ѕвездите“, иако за Вајдер говорот го позајми Џејмс Ерл Џонс, а сцените за борба беа направени од поранешниот олимписки мечувалец Боб Андерсон.

Актерот, инаку поранешен бодибилдер, својата прва улога ја имаше во 1967 година во филмот на Џејмс Бонд, Казино Ројал. Благодарение на оваа помала улога, тој доби можност да ја продолжи кариерата, што на крајот го доведе до аудиција за „Војна на Ѕвездите: Нова надеж“ во 1977 година. Потоа му беше даден избор дали ќе игра во улогата на Вејдер или Чубака. Актерот го избра Вејдер, а останатото е историја.

Во последниве години, тој редовно се појавуваше на конвенциите посветени на Војна на Ѕвездите и на состаноци со навивачите.

Роден е во Бристол, Англија во 1935 година.

Треба да знаете
Последни објави