Search

Почина актерката Ширли Даглас

Kaнадската актерка и активист за човекови права Ширли Даглас почина во неделата (5 април) на 86-годишна возраст, објавија светските медиуми повикувајќи се на соопштение на нејзиниот син, актерот Кифер Сатерленд.

Даглас почина од пневмонија, напиша Сатерленд на Твитер, прецизирајќи дека нејзината смрт не е поврзана со пандемијата на коронавирус.

„Мајка ми беше извонредна жена која водеше вонреден живот“, напиша Сатерленд, познат како агент Џек Бауер во ТВ-трилерот 24.

„За жал, таа веќе подолго време се бореше за нејзиното здравје и ние како семејство знаевме дека ќе дојде овој ден “, напиша тој.

Актерската кариера Даглас ја помина помеѓу Канада и Холивуд, каде работеше со славни режисери меѓу кои  Стенли Кјубрик и Дејвид Кроненберг.

Таа е исто така позната по кампањите за прогесивни каузи, вклучувајќи ги движењата за граѓански права и „Црните пантери“ во 1960-тите а подоцна го бранеше системот на јавно здравство во Канада.

Даглас имаше три деца, две од нив – меѓу кои Кифер – со холивудскиот актер Доналд Сатерленд.

Треба да знаете
Последни објави