Search

Потпишан Меморандум за соработка меѓу обвинителствата на Република Северна Македонија и Република Италија

Jавното обвинителство на Република Северна Македонија и Националното обвинителство за гонење на мафија и на тероризам на Република Италија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање и заедничка соработка.

Документот предвидува соработка во борбата против криминалот, особено во неговите организирани форми, како и против тероризмот.

„Соработката меѓу државите е многу значајна за справување со ваквиот криминал. Ниту една држава сама и изолирана не може ефикасно да се избори со организираниот криминал, бидејќи тој не познава граници, не познава нации, вера или политичка и старосна припадност. Тој длабоко навлегува во сите сфери и ги засега и загрозува сите“, изјави Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески при потпишувањето на Меморандумот.

Како дел од идната соработка, двете институции ќе разменуваат искуства и информации за тековни истраги, како и податоци за правните системи во двете држави.

„Ваквиот криминал е закана и за слободата и демократијата на секоја земја. Тој пенетрира во економијата и таму каде има успех, навлегува и во политичкиот систем“,изјави Федерико Кафиеро Де Рахо, Национален јавен обвинител за гонење на мафија и на тероризам на Република Италија.

Во рамките на посетата на италијанската делегација, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се одржа конференција „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал“.

„Разновидниот криминал тежнее да се прилагоди кон сите системи и да најде пукнатини и алатки кои ќе ги користи во своја полза, а на штета на граѓаните. Организираниот криминал е многу близок со меѓународниот тероризам. Примарна за нас е соработката со сите кои се борат против оваа цел“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

“Министерството посветува големо внимание на создавање на правната рамка за борба против организираниот криминал како и на зајакнување на капацитетите и зголемување на ефикасноста на меѓународната соработка“, рече министерката за правда Рената Десковска.

На конференцијата се дискутираше и за аспектите на полициската соработка меѓу двете земји.

Делегацијата на Република Италија беше предводена од Федерико Кафиеро Де Рахо, национален јавен обвинител за гонење на мафија и на тероризам и Франко Габриели, директор на италијанската полиција – генерален директор за јавна безбедност.

Конференцијата беше организирана во рамките на Проектот ЕУ ИПА-2017 „Сузбивање на тежок криминал во Западниот Балкан“, а со поддршка од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ.

Треба да знаете
Последни објави