Search

Потпишан договорот за финансирање на центарот за развој на скопскиот плански регион за 2019

Градоначалникот Петре Шилегов заедно со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и со градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска го потпишаa договорот за финансирање на Центарот за развој на Скопскиот плански регион за 2019 година.

 

  • Средствата што се издвојуваат и средствата што Градот Скопје ги издвојува во Скопскиот плански регион може да помогнат на општините кои не се во административните граници на Скопје, но географски припаѓаат на скопската котлина. Градот Скопје во инвестицискиот циклус од над 8 милиони евра што го направи во текот на оваа година може да ги помогне исклучиво општините кои се дел од административните граници на нашиот град, но со средствата што ги уплаќаме во Скопскиот плански регион индиректно го помагаме развојот и на другите општини. За мене ќе биде императив преку Скопскиот плански регион за почнеме заеднички да работиме со општините кои не се дел од Градот Скопје, особено на мерките што треба да ги преземаат во периодот што ни претстои, во зимскиот период, а се однесуваат на загадувањето на воздухот. Имам впечаток дека се фокусираме исклучиво на центарот на Скопје кога зборуваме за изворите на загадување, но природата не познава географски граници, на пример Чучер Сандево, Илинден, Петровец, Арачиново се дел од скопската котлина и тие придонесуваат во загадувањето на воздухот. Ќе барам преку Скопскиот плански регион и Министерството за локална самоуправа да фокусираме сериозни мерки кои ќе се однесуваат на жителите на овие општини со цел да ги подобриме условите за живеење не само во Скопје, туку и во целата скопска котлина – рече денеска Шилегов, на потпишувањето на договорот во просториите на Стопанската комора на Македонија.

 

Како претседател на ЗЕЛС, Шилегов ја поздрави иницијативата на министерот за локална самоуправа и рече дека заеднички ќе работат во работните групи на продолжување на процесите на децентрализација во нашава држава.

 

– Покрај зголемувањето на надлежностите ќе изнаоѓаме и начини за зголемување на средствата кои ќе ги следат овие надлежности. Очекувам до крајот на оваа година да го заокружиме тој процес и дека во текот на наредната година ќе продолжиме со процесот на децентрализација. Градот Скопје и понатаму ќе предничи во помагањето и во соработката со општините од Скопскиот плански регион зашто крајната цел на сите нас е да ги подобриме условите за живот на нашите граѓани – нагласи градоначалникот Шилегов.

 

Треба да знаете
Последни објави