Search

Постмониторинг известувачите на ПССЕ во посета на Скопје

Од денеска до среда во Скопје ќе престојува делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Република Македонија.

Според најавата од прес-службата на ПССЕ, пратениците Лиз Кристоферсен од Норвешка и Валериу Гилетчи од Молдавија се очекува да се сретнат со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски, со членови на Парламентот, лидери на политички партии, со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, судии, претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и дипломатските претставници во земјата.

Кристоферсен и Гилетчи во Парламентот денеска треба да имаат средба со Бетиане Китев, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

Разговорите ќе бидат фокусирани главно на развојот на настаните по Извештајот од последната посета на претставници на ПССЕ во мај 2017 година со специјален фокус на судството, како и на генералниот напредок на земјата во насока на исполнување на обврските кон Советот на Европа.

Кристоферсен и Гилетчи ќе одржат прес-конференција за време на последниот ден од посетата на Скопје, односно во среда.

Треба да знаете
Последни објави