Search

Последни подготовки за официјалниот старт на онлајн учењето, МИА во посета на едно од скопските училишта

Двестотини и шеесет илјади ученици и околу 25 илјади наставници од основните и средните училишта во земјава ќе ја користат Националната платформа за онлајн учење од утре, 1 октомври, кога е и официјалниот старт на училишната година.

Деновиве се вршат тестирања на единствената национална платформа за онлајн-учење www.schools.mk, која ќе биде основна алатка за непречено одвивање на образовниот процес во услови на пандемија, а која е изработена во соработка со ФИНКИ.

Министерството за образование и наука викендот испрати кориснички лозинки до училиштата за пристап до платформата, а повеќето наставници вчера имаа генерална проба со своите ученици за одржување на првиот онлајн час. Некои успејаа да се вклучат, но некои имаа проблеми со платформата.

МИА вчера беше во посета на скопското основно училиште „11 Октомври”, каде во разговор со директорката и наставниците добивме одговори за тоа како течат подготовките на терен за воведување на онлајн наставата.

Даница Блажеска, директор на општинско основно училиште „11 Октомври” во разговор за МИА вели дека во целокупниот процес за воведување на наставата на далечина, биле вклучени наставниците, но и родителите, особено оние кои имаат познавања во ИТ технологиите и кои дале свој придонес за овој систем да учење да биде воведен во училиштето.

Вчера, завчера, но и денеска ден пред официјалниот старт на учебната година продолжува тестирањето на Националната платформа со цел да се детектираат сите нејзини слабости и да се овозможи нејзино наградување.

-Секогаш кога се воведува некој нов проект мора да помине низ фаза на тестирање. Истото се однесува и на Националната платформа, која поминува низ повеќе фази. Ние како училиште учествуваме во тој проект и сум благодарна на учениците, наставниците и родителите кои активно се вклучија во тој дел, со цел заокружување на целиот процес, вели Блажеска во разговор за МИА.

Онлајн платформата ќе овозможи помодерно образование за идните генерации 

Во текот на вчерашниот ден дел од наставниците и учениците во „11 Октомври” успеале да се вклучат, но дел не успеале да го одржат својот прв онлајн час со учениците.

Блажеска изрази надеж дека ќе бидат се поуспешни во наредните денови и оти учениците ќе можат непречено да ја следат онлајн наставата.

Со директорката на „11 Октомври” разговаравме за предизвиците со кои се соочувале наставниците за еден кус временски период да се обучат за работа на платформата.

-Пред да почнат обуките стигнуваат разни шпекулации и некоректни информации во врска со Националната платформа, што кај наставниците создаваше, еден ѕид и страв дали ќе можат да успеат да се носат со тој предизвик, но со почетокот на самите обуки и во текот на истите, наставниците веќе се охрабрија и видоа дека тоа е едноставно и лесно за користење, а исто така и големо олесување е што е на повеќе јазици. Освен на македонски е и на јазиците на другите етнички заедници и нема да имаме проблем. Учениците уште полесно ќе ја совладаат, бидејќи тие имаат големи информатички познавања, нагласува Блажеска во разговор за МИА.

Во училиштето учат 640 ученици. Настава со физичко присуство ќе следат само учениците од прво до трето одделение, останатите оваа година ќе учат онлајн.

-Се надевам во иднина како ќе се одвиваат состојбите во врска со пандемијата ќе можеме сукцесивно да ги внесуваме и другите, вели Блажеска.

Таа нагласува дека како училиште се подготвени за далечинско учење. Изминатиот период вршеле интензивни подготовки, надградба на интернет мрежата, набавки на компјутерска опрема.

-Продонес дадоа и родителите, кои имаат познавања од таа област. Тие активно се вклучија и во надградбата на компјутерите, во инсталирањето кабли, но исто така изразувам голема благодарност и до наставниците, кои доброволно ќе се вклучат во онлајн наставата со свои сопствени компјутери и лаптопи, нагласува Блажеска.

Министерката Царовска вчера имаше онлајн состанок со директорите на училиштата во земјава, а главната порака што им ја пренела, како што посочи Блажеска за МИА е да бидат трпеливи, мотивирани, но и да ги мотивираат наставниците, учениците и родителите за успешна да се реализира овој проект.

-Во други држави вакви платформи се воведуваат во текот на една година, ние тоа го правиме за краток период, јасно е дека ќе има грешки, недостатоци. Со текот на времето ќе се коригираат и очекуваме како поминуваат деновите побрзо да се детектираат недостатоците и истите да се корегираат за да можат децата непречено да ја следат онлајн наставата, нагласува Блажеска.

Таа потенцира дека платформата е нешто што ќе даде голем придонес во наставата и по завршување на падемијата – таа нема да исчезне ќе постои и ќе се користи и со неа ќе се овозможи помодерно образование за идните генерации.

Учениците од прво до трето на училиште, можност дел од наставните активности да се одвиваат во училишниот двор

Александар Христовски, одделенски наставник во основното училиште „11 Октомври” од Скопје во изјава за МИА појаснува дека во одделението во кое тој предава ќе присуствуваат 22 ученици. Неговите ученици оваа година се првооделенчиња, 22 од нив ќе бидат физички присутни, а околу шест деца наставата ќе ја следат далечински. Како што вели тој за МИА, според протоколот, учениците ги делат во две групи, односно неговата паралелка од 22 ученици ќе биде поделена во две групи, од по 11 ученици.

-Во моето одделение физички ќе присуствуваат 22 ученици. Тоа значи согласно капацитетот односно бројот на ученици според протоколот, учениците ги делиме во две групи. Поточно, мојата паралелка е поделена во две групи по 11 ученика, вели наставникот од скопското училиште.

Христовски смета дека наставниците од ова училиште генерално се подготвени за одржување на онлајн настава. Секој наставник, како што појасни, е креатор на својот наставен процес. Сам си ја организира наставата.  Во секоја училница има интернет, камера, лап топ за непречено одвивање на наставата.

-Секако дека сме подготвени за предавање на настава кај ученици со физичко присуство, но и кај оние кои ќе ја следат наставата од дома. Секоја училница има подготвено конфигурација, односно интернет и камера преку кој ќе се реализира овој тип на настава. Нормално секој наставник како креатор на наставниот процес сам ја организира наставата, наставата може да се организира и во надворешни услови, вели Христовски во разговор за МИА.

Како што појасни, училишниот двор во „11 Октомври” располага со еден простор каде што може да се реализира наставата, потоа учениците кои не може да ја реализираат со физичко присуство наставата, истата ќе ја добијат онлајн по усогласени термини.

-Еве на пример може додека трае наставата со физичко присуство некои ученици да ја следат наставата во живо преку самата платформа за следење на наставата од далечина, а исто така може и по завршување на наставата со физичко присуство да се одржи далечинска, односно да се реализира по утврдени термини на одделенската настава каде што работам јас со одредени ученици кои се пријавени оналајн, вели тој.

Додава дека секако може да се сними и материјалот, кој наставникот потоа може да го испрати.

Секој недостаток или празнина во текот на онлајн наставата ќе се надмине со креативноста на наставниците, но и таа на учениците

Ристо Бојчев, наставник по македонски јазик од шесто до деветто оделение во основното училиште „11 Октомври” вели дека колегите успешно се справуваат со сите предизвици кои ги носи онлајн наставата. Обуката поминала во најдобар ред а соработката меѓу наставниците според него, е на завидно ниво.

-Во нашето училиште се направени сите потребни подготовки. Сите наставници се опремени со компјутери и онаа потребна опрема што треба да ја имаат за да се изведе онлајна наставата. Колегите успешно се справувааат со предизвиците за онлајн наставата бидејќи и претходниот период се изведуваше онлајн настава, така веќе стекнаа некакво искуство и бидејќи се креативни, соработката меѓу наставниците е навистина на завидно ниво, појаснува за МИА наставникот по македонски јазик.

На почетокот на обуката, вели Бојчев, одредени наставници имале проблеми со вклучување во платформата, но се надева дека овој проблем ќе се надмине.

-Мислам дека во нашето училиште доста успешно се спроведуваат и обуките за оваа платформа, за оналјн настава и мислам дека се ќе тече во најдобар ред. Од моите искуство со колегите од оваа обука за платформата би рекол дека се течеше навистина успешно, креативно и кај нас немаше проблем. Заради почетокот на платформата бидејќи ова беше пробно, не можевме сите да се вклучиме подеднакво, некои наставници се вклучија, некои не. Се надевам дека ова ќе се надмине, бидејќи е пробно и во период што доаѓа успешно ќе се спроеведува платформата и се надевам онлајн наставата ќе тече без проблем, вели Бојчев, во разговор за МИА.

Тој се надева дека со онлајн наставата учениците навистина ќе се стекнат знаења, а наставниците успешно ќе ги реализираа предавањата. Може да се појави одредена празнина или дискрепанца во одреден предмет, но како што рече, со креативноста на наставниците и учениците се ќе се надмине.

-Бидејќи наставниците програмите ги добиле во скратена форма се надевам дека во целост ќе ги реализираме и се надевам дека знаењата ќе бидат усвоени од страна на учениците. Може да се појави одредена празнина или дискрепанца но тоа ќе се надмине бидејќи имаме доста креативни наставници, мора да ја споменам и креативноста на страна на учениците. И кога наставата се одвиваше се физичко присуство ние црпевме креативни идеи од деца. Ќе се надополнуваме во текот на настава и мислам дека нема да има проблеми, вели Бојчев за МИА.

Во однос на неговиот предмет, македонски јазик, верува дека во целост ќе ја изведе наставата, но останатите предмети имаат своја специфичност и тежина. Сепак, како што рече, неговите колеги со оглед на искуството успешно ќе се снајдат да го пренесат знаењето.

-Што се однесува до мојот предмет мислам дека во целост ќе ја изведеме наставата, но за други предмети мислам дека не би можел да кажам бидејќи имаат одредена специфичност и тежина, но познавајќи ги колегите сметам дека ќе наставата ќе биде успешно спроведена и дека учениците ќе ги добијат знаењата, додава Бојчев во разговор за МИА.

Ден пред почетокот на училишната година надлежните работат на отстранување на евентуалните недостатоци на платформата, со оглед на тоа што вчера одреден број наставници и ученици не успеаја да се вклучат на неа. На националната платформа за онлајн-настава завчера биле најавени над 88 000 активни корисници кои, како што информира Министетството за образование и наука, придонеле за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од нејзино оптоварување  во оваа фаза од имплементацијата.

МОН потенцира дека резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (Серверите за базите со податоци (database servers), Серверите за балансирање на оптоварување (load balancer) и Серверите за опслужување на корисниците (web servers).

За онлајн платформата, министерката за образование Мила Царовска вчера потенцира дека не требаат никакви посебни перформанси на компјутерите и оти таа работи и на најслабиот компјутер.

– Оваа платформа ја градиме денес за да ни трае во наредните 20, 50 години. Таа треба да се надградува, да расте и ќе има многу предизвици, но јас сум сигурна дека ќе ја поминеме годината ако сите веруваме дека децата треба да имаат стимулирање и да имаат информации коишто тековно ќе ги добиваат секој ден, рече Царовска, која повика на трпение и кај наставниците и кај родителите и кај децата.

За учениците кои немаат ИТ-уред за следење настава од дома, а чија бројка, како што неодамна посочи Царовска е околу 40 илјади деца, од 1 октомври на програмата на националниот сервис ќе се прикажуваат 15-минутни видеа од часовите, согласно со распоредот на училиштата. Видеата ќе се прикажуваат на МРТ5 и МРТ6 и на каналите на јазиците на етничките заедници.

Треба да знаете
Последни објави