Search

Порталите во кои влезе ОЈО демантираат дека ги плаќало ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со денешните натписи во медиумите за предизборното рекламирање во кое се спомнуваат во негативен контекст порталите од нашата групација: biznisvesti.mk, lady.mk, gradina.mk и ekran.mk, би сакале да ги демантираме наводите за било каква злоупотреба.

Рекламирањето на нашите портали најчесто го нарачуваат компании, маркетинг агенции и други институции. Конкретната нарачка за предизборното политичко рекламирање беше направена од страна на агенцијата „Глобал нет“ ДООЕЛ.

Притоа нарачаната сума беше и се реализираше во износ од 400 Еур по сајт, што е далеку пониска од сумите кои се спомнуваат во медиумите. Доколку е потребно спремни сме фактурите да ги дадеме на увид на јавноста.

Би сакале да потенцираме дека кампањата како и секоја друга, беше спроведена максимално професионално од наша страна, со остварување и надфрлување на сите нарачани импресии, а извештаите за реализацијата за секој портал се уредно доставени до нарачателот.

Во оваа прилика би салаке да ги демантираме и натписите дека нашите портали се формирани непосредно пред изборите. Станува збор за професионални тематски сајтови со долгогодишно искуство, формирани уште во далечната 2011 година, со уредно и транспарентно објавени ценовници, имресум и контакти.

Со ваквите непроверени натписи и информации се нанесува значителна штета на нашиот имиџ посебно во однос на комерцијалните огласувачи кои се нашите најзначајни партнери. Не дозволуваме нашите портали да се доведуваат во било каква корелација со било каков политички субјект и евентуална злоупотреба на државни средства. Нашата мисија е да генерираме содржини во интерес на јавноста и да ги реализираме рекламните нарачки на нашите коминтенти.

Треба да знаете
Последни објави