Search

Поранешниот претседател на „Нисан“ ослободен од притвор со кауција од девет милиони долари

Поранешниот претседател на „Нисан“, Карлос Гонс, беше ослободен денеска од притвор во Јапонија, откако плати кауција од 9 милиони долари. Тој води правна битка против обвинението за финансиска измама.

Гон, некогаш еден од највлијателните луѓе во светската автомобилска индустрија, помина 100 дена во затвор во Токио во мала соба без греење, откако беше уапсен на 19 ноември минатата година. Тој изјави дека обвинувањата се „неосновани”.

Окружниот суд во Токио соопшти дека Гон платил кауција од 9 милиони долари откако била одбиена жалбата на обвинителството, кое барало тој да биде уапсен. Автомобилот на амбасадата на Франција, чиј граѓанин е Гон, дојде во притворниот центар, додека стотици новинари, фотографи и телевизиски екипи чекаа пред зградата. Многумина ја поминаа ноќта пред единицата за притвор за да имаат подобра позиција.

Гон даде гаранции дека ќе остане во Токио, ќе му го предаде пасошот на својот адвокат и ќе прифати дека е под постојан надзор. Во неговата резиденција се поставени камери на влезот и излезот, и забрането му е користење на интернет и СМС-пораки. Забрането му е да комуницира со страните вмешани во овот случај, а пристап до компјутерот има само во канцеларијата на неговиот адвокат.

Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и непријавување на својата вкупна заработка во „Нисан“ речиси десет години и во износ од 82 милиони долари. Ако биде прогласен за виновен за сите точки од обвинението, тој се соочува со затворска казна од десет години. Поранешниот претседател на „Нисан“, „Мицубиши“ и на францускиот „Рено“ ги отфрли сите обвиненија.

Треба да знаете
Последни објави