Search

Поранешен косовски пратеник апелира да не се слави Нова година, затоа што „не е исламски празник”

Поранешниот пратеник во Собранието на Косово од партијата „Фјала” („Збор”) Гзим Келменди ги повика Косовсците да не ја слават Нова година, бидејќи, како што вели, тоа „не е исламски празник”, јави дописникот на МИА од Приштина.

Келменди преку објава на својата страница на Фејсбук упати критики до косовските градоначалници за тоа што ги украсиле плоштадите и улиците на нивните градови.

Тој им порача на политичарите на локално и централно ниво да си ја слават Нова година во нивните домови, а не, како што вели, „со парите на граѓаните на Косово, кои се 96 проценти муслимани”.

– Со кое право на муслиманските деца им ги носите дедо мразовците и новогодишните подароци во училишта. Со кое право со парите на муслиманскиот народ (96 проценти) ги китите градовите за Нова година. Нова година не е исламски празник, напиша Келменди.

Поранешниот пратеник на исламистичката „Фјала” наведе дека, „не само што не се почитуваат косовските муслимани, туку се крши и секуларноста на државата во училиштата и институциите”.

– Во Косово со векови постои меѓуверски соживот и толеранција, но тоа не значи дека вие на косовските муслимани треба да им ги злоупотребувате парите, да ги украсувате градовите и да им праќате дедо мразовци по куќите и училиштата во име на Нова година, пишува Келменди.

Партијата на Келменди, освен што на славењето на Нова година, се спротивставува и на „Парадата на гордоста” на косовската ЛГБТИ заедница. По повод двете паради, одржани оваа и минатата година во Приштина, „Фјала” организира протести, на кои се одзваа мошне мал број граѓани и на кои не беа забележани никакви инциденти.

Треба да знаете
Последни објави