Search

Поранешен зависник: Геј и ХИВ позитивен сум, но тоа не значи дека не сум човек

Ракот му одзел дури четворица блиски, а една од нив е неговата најголема поддршка, мајка му.  Но болката од загубата на најблиските вели дека, иако е многу голема, сепак не се споредува со болката од мајтапењето и омаловажувањето од средината во која што живеел, мал град во внатрешноста на Македонија. Тоа е и причината за неговата преселба во Скопје, мислејќи дека неговата хомосексуалност нема да му пречи на никого. Но наместо прифаќање на вистината дека е геј, постојаното отфрлање од околината го одвело длабоко во канџите на дрогата. Овде се заразил и со ХИВ и го допрел дното. Завршил во кома цели две недели. Ова е Александар, кој за 24 инфо ја раскажува приказната како е да си геј во Македонија, а во исто време и ХИВ позитивен.  

Александар вели дека кога треба да ја раскажеме својата животна приказна како зошто и кога нешто ни се случило, како сме дошле до тука , што сме направиле не е лесно. За негo не е лесно ниту да биде искрен и објективeн, ниту, пак, да ја преземеме одговорноста за неговите постапки.

-Имам 40 години и доаѓам од еден мал град во внатрешноста. Приказната започнува многу одамна. Уште во основно ушилиште знаев дека сум геј и дека не ме привлекуваат девојчиња. Додека моите другари се натпреваруваа за најубавото девојче во класот или училиштето, мене ме интересираа момчиња. Отсекогаш знаев дека сум геј. Жена никогаш физички не ме привлекувала. Нормално е да се загледаш во убава жена, но никогаш не сум почувствувал привлечност, вели Аександар.

Раскажува дека уште од почетокот добро се носел со спознанието дека е различен од околината. Се прифатил себеси таков како што е. Но не секогаш бил задоволен од тоа и не се снаоѓал добро во секоја ситуација.

-Секогаш ме привлекуваат мажи, но не секогаш можев со тоа да се носам најсигурно и најискрено и кон себе и кон другите. Кога имав 23 години не можев да издржам веќе и на моите им ја соопштив веста-„ јас сум геј“. Едноставно се декларирав себе си кај тие што мислев дека заслужуваат да знаат. И некако од внатре знаев дека ќе ја имам нивната поддршка и љубов секогаш. Тогаш ја слушнав и најдобрата реченица од мојата мајка. Ми рече секогаш ќе те сакаме но знаеш каде живееш и внимавај на себе, вели Александар.

Додека живеел во малиот град често излегувал со брат му и со неговото друштво.

-Брат ми секогаш се плашеше дека некој ќе ми дофрли нешто кога сме излезени во град и не можеше да поднесе некој да искоментира ,,тој ли е педерот’’ и некои слични коментари. Но за мене тоа веќе не беше проблем кога ја имаш поддршката од семејството. Но сепак заминав да работам во Скопје . Тоа е сосема друга средина, никој не се грижи за другите, не ги интересира многу сексуалната ориентација на другите. Од друга страна препуштен сум сам на себе со неколку другари кои ме прифаќат онаков каков што сум. Овде сум свој на своето, но не секогаш можев да бидам јас тој што  сакав да бидам, вели Александар.

Работел се  и сешто од келнер во кафетерии и кафеани, до кладилници и агенции за недвижности. Секаде слушал кометари од типот – „педерите се вакви, такви, треба да горат во пекол, само Хитлер им е лекот“. Коментарите ги слушал и од колеги, но и претпоставени.

-Можеа така да се однесуваат зошто општетсвото им дозволува така да зборуваат. Власта која беше тогаш беше десничарска и тие пропагираа дека јас со мојата сексуална ориентација сум болен и не ми е место во државава. Во еден момент притисокот стана толку голем што едноставно посакуваш ништо да не чуствуваш, секоја  емоција во тебе да ја убиеш оти болката внатре е преголема. Тогаш и почна вистинскиот пекол. Мислејќи дека нема ништо да чувствувам и дека ќе ми биде полесно почнав да користам наркотици, поточно хероин. За кратко и метадон. Прво шмркајќи по една две линии , до три грама на ден со шприц во вена, вели Александар.

Тој вели дека освен пеколот кој му го донела дрогата доживеали четири лични трагедии, му починале четврица блиски од карцином.

-Животот како живот ти носи се, а на мене во еден период ми донесе само лошо. Дури четворица во најблиската фамилија ми починаа од рак меѓу кои и мајка ми со која бев најблизок во мојот живот. Во едно тоа е и единствената жена која некогаш ќе ја сакам. Тој период  ми е како во магла, на многу работи не се ни сеќавам бидејки користејки наркотици почнав да губам и допир со реалноста, да халуцинирам и да паѓам во делириум истовремено незнаејки дека си го уништувам имунитетот. Не бев ни свесен дека дека сум инфициран со ХИВ. Дрогата и ХИВ вирусот беа причина да завршам во кома на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тие две недели се избришани од моето секавање, од мојот живот, но секогаш ќе бидам благодарен за персоналот на Клиниката бидејки тие ми го вратија животот назад, вели Александар.

Но ХИВ вирусот не бил единствениот проблем. Паднатиот имунитет бил причина за пневмонија, со висока температура, дијареи кои го направиле жив костур.

-Кога се разбудив од кома веднаш бев ставен на антиретровирусна терпаија и со голем труд и од моја страна и од страна на персоналот на Инфективна клиника сега сум здрав- прав со недетиктибилно ниво на вирусот ХИВ во крвта. Со други зборови, не можам да го пренесам вирусот. Веке две години сум на АРТ терапија за ХИВ и на терапија за намалување на штети од користење на наркотици. Искрено можам да казжм дека од одамна не сум се чувствувал вака добро како сега, живеам  многу поквалитено и поздраво и сум многу посреќен. Вработен сум во една фирма каде сите мои колеги ја знаат мојата животна приказна и ја имам нивната поддршка за се во секој момент. Истовремено односите со пошироката фамилија ми се уништени бидејки тие не можеа да ме прифатат не само со тоа дека сум со ХИВ туку и кога користев наркотици, а не знаат дека нивното неприфаќање како геј ме однесе до дрогата. Денес моите најблиски се секогаш за мене тука, пред се брат ми , моите колеги се секогаш за мене тука, животот го делам со моите пријатели, а општеството е посеба приказна. Низ него патуваме како знаеме и умееме, завршува Александар.

Но сепак не губи надеж. Работи во многу невладини организации, помага на другите, а со тоа си помага и себеси. Не сум различен, само сум поинаков- вели Александар, но тоа не значи дека не сум човек.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави