Search

Поранешен британски војник на суд поради злосторство што се случило пред 47 години

Поранешниот британски војник ќе биде кривично гонет за смртта на двајца демонстранти во Северна Ирска пред 47 години во конфликтот познат како Крвава недела, објавија обвинителите денеска.

Тој ќе одговара за убиството на Џејмс Вреј и Вилијам Макинија и за обидот за убиство на Јозеф Фриел, Мајкл Квина, Џо Мехон и Патрик О’Донел. Шеснаесетмина други војници, кои беа предмет на истрагата, нема да бидат кривично гонети.

На 30 јануари 1972 година припадниците на британскиот падобрански полк убија 13 северноирски католици кои учествуваа во протестите за граѓански права. Роднините инсистираа дека тие биле невооружени цивили тврдејќи дека на војниците мора да им се суди за убиства.

Истрагата на британската влада, спроведена неколку недели по тој настан, заклучи дека војниците биле невини. Истрагата не ги вклучуваше сведочењата на цивилите.

Подоцна беше откриено дека на војниците им било сугерирано што да кажат во своите изјави.

Роднините продолжија да се залагаат за нова истрага, која, конечно, е одобрена во 1998 година.

Британскиот премиер Дејвид Камерон во јуни 2010 година се извини за убиствата кога во извештајот беше наведено дека нема оправдување за пукањето.

Треба да знаете
Последни објави