Search

Порази за „Репторс“ и „Вориорс“, тешка повреда на ЛеВерт

Актуелните НБА шампиони, „Голден стејт Вориорс“ го забележаа и третиот пораз сезонава, овој пат по едно продолжение на гостувањето во Лос Анџелес кај „Клиперс“ со 121:116.

Двата тима беа израмнети во првото полувреме, а во третата четвртина „Клиперс“ создадоа предност од девет поени. „Вориорс“ се вратија во мечот, а во финишот Клеј Томпсон со тројка го израмни резултатот. Откако Лу Вилијамс не реализира два напада за Клиперс, Томпсон промаши тројка за победа. Во дополнителните пет минути домашните играчи беа подобри и ја забележаа осмата победа во сезоната. Лу Вилијамс со 25 поени ги предводеше „Клиперс“, а Кевин Дурент на спротивната страна забележа трипл-дабл со 33 поени, 11 скока и десет асистенции.

Кошаркарите на „Торонто Репторс“ и понатаму се најуспешниот тим во лигата, но тие ноќеска загубија, втор пат сезонава, дома од „Њу Орлеанс Пеликанс“ со 110:126

Ноќешните натпревари ги одбележа и повредата на ѕвездата на „Бруклин Нетс“, Карис ЛеВерт. Тој во мечот против „Тимбервулфс“ во Минесота при доскок најверојатно го скрши зглобот на десната нога. Тој со големи болки бее изнесен од теренот. Домаќините славеа со 120:113.

„Далас Маверикс“ ја остварија втората победа во низа и тоа против „Булси“ во Чикаго со 98:103, но овој пат Словенецот Дончиќ имаше скромен учино во победата на својот тим со 11 поени, шест скока и три асистенции. Најдобар кај „Далас“ беше Харисон Барнс со 23 коша, а кај поразените Зак ЛаВин со 26 коша и по пет скока и асистенции.

Кошаркарите на „Феникс“ беа поразени по 11 пат сезонава и имаат само две победи. Тие на гостувањето во Оклахома загубија со 118:101 од „Тандерс“, кои играа без Расел Вестбрук, па Пол Џорџ постигна 32 коша, со осум скока и шест асистенции.

Резултати од останатите натпревари:

„Вашингтон Визардс“- „Орландо меџик“ 117:109, „Мајами Хит“- „Филаделфија“ 114:124, „Мемфис“- „Јута“ 88:96, „Сакременто кингс“-„ Сан Антонио Спарс“ 104: 99.

Треба да знаете
Последни објави