Search

Поповски за бугарското вето: По дождот или пред вистинската бура

Поранешниот министер и независен политички колсунтант, Тони Поповски на Фејсбук го коментираше бугарското вето за Македонија во ЕУ.
„Станав сабајлево со чувство дека сум ветоизиран или поблиску опишано политички силуван. И знам дека со повеќемина од вас го споделувам тоа чувство, и тоа сепак е некаква утеха.
Ова е засега само наше чувство, но за жал и наше емотивно искуство кое се повторува и крајно време е да се опише барем во европските лексикони, бидејќи е непријатно чувство кое не би му го посакал никому.
Не дека политички силувања нема на планетава земја туку да се чувствуваш ветоизиран е орегинално наше непријатно чувство земајќи предвид дека се повторува во безмалку 30 годишен процес на интеграција кој требаше да биде (а во одредени секвенци и беше) процес кој генерира пријатно чувство на личен и колективен ентузијазам. Благодарение на политичкото насилство овој процес станува непријатен процес.
Пред да преминам од емоционалното на рационалното, да повторам дека барем јас емоциите не ги потценувам особено во политиката. Политичкиот избор е емоционален избор.
Кога ќе правите емоционален политички избор би ве замолил да го имате предвид следново:
1. Не го истурајте својот гнев на Европската Унија.
Бугарија е држава членка но Европската Унија е нешто многу поголемо од Бугарија, барем сеуште. Европската Унија е и Европската Комисија која иако беше под огромен бугарски притисок, до КОРЕПЕР – телото на амбасадори на членки на ЕУ достави преговарачка рамка во која не беа интегрирани супрематистичките барања на Бугарија. Бугарија остана сама и изолирана во КОРЕПЕР, но тврда и упорита и од таа причина орегиналната рамка за преговори беше блокирана од Бугарија и не се најде на дневен ред за усвојување од страна на Советот за општи работи на ЕУ. Како стожер на европските вредности, Европската Комисија уште еднаш докажа дека била отсекогаш и ќе остане наш сојузник, не дека нам ни е лојална туку е лојална на Европските начела и вредности. Доколку и понатаму сакаме (без оглед на тоа што сме блокирани) да заличиме на примерно европско општество и држава, во носењето на Европа кај нас може целосно да се ослониме на Европската Комисија но и на најголем дел од останатите 26 членки на ЕУ, чекајќи Бугарија да стане вистински а не само формално европска. Сојузник ни е и мнозинството во Европскиот Парламент, зелените, либералите, социјалистите а наскоро и мнозинството од европската народна партија.
2. Не го истурајте својот гнев на бугарскиот народ
Бугарскиот народ не го сочинуваат само супрематисти (врховисти) иако имаме впечаток дека се мнозинство. Како и секој народ има поединци кои говорат и се однесуваат човечки и етички. Тие луѓе се мои сестри и браќа, не по род и национален геном/корени туку по вредности. Такви сестри и браќа бугари имам а имам и сестри и браќа албанци, турци, срби, бошњаци, роми, валонци и фламанци, французи и германци и да не ги редам. Тоа е моето семејство и моето огромно богатство.
3. Не го истурајте гневот на оние од нас кои не однесоа во НАТО и настојуваат да не однесат во ЕУ
Направениот компромис со Грција, додавката Северна во Република Македонија, повлекувањето од наводниот антички корен но признаени како Македонци (народ и јазик) беше изнуден во асиметрична позиција. Овој компромис го забетонира нашиот идентитет во ООН и не однесе во НАТО. НАТО е безбедносен чадор кој превенира прелевање на конфликти но и внатрешни конфликти. НАТО е гаранција за постоечките и идни инвеститори (домашни и странски) без кои не можеме да се развиваме. Бугарија не блокира на патот во ЕУ но бугарската држава немаше моќ да не блокира на патот кон членство во НАТО. НАТО како и ЕУ се нешто многу поголемо од Бугарија. Во НАТО седиме на иста маса со другите (за прв пат во нашата современа историја) а не во чекална.
Направениот компромис обезбеди едногласна Одлука за почеток на преговорите и многу коректно подготвена рамка за преговори од страна на ЕК. Ова е заслуга на македонската држава и дипломатија но и на нашето општество и вредности.
Ние исчекоривме два чекори, на третиот во низа Бугарија ни скрши колено, но сме се движеле повредени и ќе продолжиме да се движиме, па дури и за инает на супрематистите и силеџиите. И без оваа блокада, над 85% од нашиот извоз е во ЕУ. Ние иако не сме политички и административно интегрирани со ЕУ, економски а со тоа и социјално сме органски поврзани со ЕУ. Секој друг концепт е протвприроден и неоргански. Од таа причина, секое скршнување од овој пат и водење на политика на заробена држава и изолационизам е политика против нашата перспектива и благосостојба.
Дури и во гневот кој е оправдан, сепак правете разлика кој искрено цели кон современа македонска држава на благосостојба. Притоа со очекување дека реторичката цел мора да се претвори во дела, без девијации и со нулта толеранција за корупција.
Треба да знаете
Последни објави