Search

Помпео: Тешко е да се процени дали Хонг Конг ја задржува автономијата

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео рече дека неодамнешното постапување со, како што ги нарече, продемократските активисти во Хонг Конг, го отежнува и проценувањето дали територијата задржува високо ниво на автономија од остатокот на Кина, што е услов за посебен третман според американскиот закон.

Помпео истакна дека Стејт департментот, кој добил мандат од Конгресот, сè уште чека да процени дали поранешната британска колонија има таков степен на автономија.

– Ние внимателно следиме што се случува таму, рече Помпео на прес-конференција.

– Водечките активисти на Хонг Конг, како што се Мартин Ли и Џими Лаи, беа изведени пред суд. Активности како оваа го отежнуваат проценувањето дали Хонг Конг задржува висока автономија од копнена Кина, рече Помпео.

Веднаш следуваше реакција од официјален Пекинг, од каде денеска оценија дека Помпео ја уценува Владата на Хонг Конг за Законот за човекови права и демократија во Хонг Конг и предупреди дека активностите на Вашингтон претставуваат мешање во внатрешните работи на Кина.

Портпаролот на Кабинетот на комесарот за Хонг Конг во кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека постапките на Помпео не можат да го исплашат кинескиот народ и рече дека Пекинг ќе го заштити својот суверенитет, безбедност и развојни интереси.

Треба да знаете
Последни објави