Search

Помпео: САД размислуваат за дополнителни санкции против Белорусија

САД и нивните сојузници ја разгледуваат можноста за воведување дополнителни санкции против Белорусија, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео.

„САД, во координација со нашите партнери и сојузници, разгледуваат дополнителни таргетирани санкции за да се промовира одговорност за оние кои се вклучени во кршење на човековите права и репресијата во Белорусија“, се вели во соопштението.

Стејт департментот исто така ги повика белоруските власти да го прекинат насилството врз сопствениот народ, да ги ослободат сите што биле неправедно приведени, вклучително и американскиот државјанин Виталиј Шклијаров, и да почнат значаен дијалог со вистински претставници на белоруското општество.

Стејт департментот исто така ја изрази својата загриженост за пријавеното киднапирање и обид за присилно протерување во Украина на членот на президиумот на Координативниот совет, Марија Колесникова, и членовите на советот Антон Роденков и Иван Кравцов.

„Ги потсетуваме белоруските власти на нивната одговорност да обезбедат безбедност на г-ѓа Колесникова и на тие што се неправедно приведени“, се вели во изјавата.

Украинската гранична служба информираше дека белоруските членови на опозицијата Антон Роденков и Иван Кравцов пристигнале на украинска територија. Според украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Антон Герашченко, тие биле насилно протерани од Белорусија.

Родненков тврди дека белоруските специјалци се обиделе да принудат друг член на опозицијата, Марија Колесникова, да ја напушти земјата, но таа го скинала пасошот за да не замине. Државниот телевизиски канал Белорусија-1 информираше дека е приведена при обид за илегално преминување на границата.

Белорусија одржа претседателски избори на 9 август. Според податоците на Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко доби 80,1 отсто од гласовите, додека Светлана Тихановскаја освои 10,12 отсто од гласовите. По изборите, таа замина во Литванија.

По изборите, во Минск и во неколку други градови избија протести, што доведе до судири меѓу демонстрантите и полициските службеници. Опозицијата формираше Координативен совет за транзиција на власта во земјата, повикувајќи ги демонстрантите да продолжат со демонстрациите.

Треба да знаете
Последни објави