Search

Помпео: Русија ја задушува слободата на говорот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека руските власти продолжуваат да го задушуваат независното новинарство и слобода на говорот.

„Гласот на Америка и Радио Слободна Европа / Радио Слобода се витален извор на информации за Русите. Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат новите ограничувања на слободните медиуми“, напиша Помпео на Твитер.

Претходно Стејт департментот ја објави изјавата на Помпео дека САД се загрижени за неодамнешната нацрт-уредба на руските власти, која наводно е насочена кон медиумите во Русија финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ).

„Повеќе од 70 години, Гласот на Америка и Радио Слободна Европа / Радио Слобода се важни извори на независни вести и информации за руските граѓани. Оваа регулатива ќе воведе нови сурови барања што дополнително ќе ја намалат способноста на Гласот на Америка и РСЕ / РЛ да работат во Русија”, изјави Помпео.

Тој изрази загриженост за „пресметката со независните медиуми во Русија“ и ја повика Москва да ги почитува меѓународните обврски и стандардите на ОБСЕ во врска со слободата на изразување.

„Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат овие чекори, што дополнително ќе ги оштетат билатералните односи“, додаде Помпео.

На крајот на јули, руската регулаторна агенција за медиуми објави нацрт одредба, според која медиумите регистрирани во Русија како странски агенти треба да ја наведат таа класификација заедно со објавената содржина. Предлог-уредбата треба да го надополни рускиот закон од декември 2017 година, со кој медиумите финансирани од странство беа прогласени за странски агенти, потсетува „Гласот на Америка“.

Треба да знаете
Последни објави