Search

Помпео: Грција е столб на стабилност и просперитет во Источниот Медитеран

Ние, Американците, ја гледаме Грција како вистински столб на стабилност и просперитет во Источниот Медитеран, рече државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата на Крит со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Разговорите на Мицотакис и Помпео биле околу билатералните односи, за кои двајцата рекоа дека никогаш до сега не биле толку блиски и продуктивни, околу економската соработка во регионот, енергетиката, ситуацијата во Источниот Медитеран, како и билатералната одбранбена соработка.

Грчкиот премиер истакна дека заедничкиот заклучок до кој дошле е дека „the sky is the limit”, за она што можат заедно да го сторат.

Мицотакис и Помпео соопштија дека набргу, во базата на Крит ќе се пристигне и ќе остане еден од најголемите американски воени бродови „USS Hershel Williams”, за кој државниот секретар на САД рече дека е перфектен избор.

-Ова буквално е перфектен избор, поради стратешка позицијата и ја симболизира одбранбената соработка што ќе продолжи да се шири и да се зголемува. Нашата безбедносна соработка, денес е особено важна бидејќи Русија продолжува да го дестабилизира регионот, особено во Либија, рече Помпео и додаде дека со Мицотакис се согласиле на блиска соработка и во справувањето со предизвиците во однос на руските влијанија, а како пример го спомена ширење на дезинформации за пандемијата.

Помпео се осврна и на неговите вчерашни активности во Солун, велејќи дека се сретна со официјалните лица за енергетика од Грција и Северна Македонија со кои разговарале за регионалните можности и економскиот развој околу Грција.

Мицотакис, пак, истакна дека Грција има водечка улога на Балканот, каде што земјата „динамично се враќа по речиси еднодецениско отсуство” и додаде дека полуостровот е „географска точка што собира многу заеднички интереси на Грција и Соединетите држави”.

Во однос на ситуацијата во Источниот Медитеран и односите со Турција, Мицотакис рече дека тој лично, но и министрите од неговата Влада, на американската делегација и ги претставиле грчките позиции.

-Кога би требало да сумирам во четири збора, би рекол: не за еднострани активности. Грчкиот одговор на сите провокации е еден, одбрана на нашите национални права, истакна Мицотакис, додавјаќи дека Помпео ги дели грчките позиции и дека „сфаќа дека тензијата меѓу две земји членки на НАТО не е во ничиј интерес”.

-Силно поддржуваме дијалог меѓу НАТО сојузниците Грција и Турција и ги охрабруваме да ги продолжат разговорите за прашањата колку е можно побргу. Разговарав со генералниот секретар Столтенберг пред два дена за прогресот направен во НАТО и се надеваме дека овие разговори може да продолжат на сериозен начин, истакна Помпео.

Утрово, Мицотакис и Помпео ја посетија воената база во Суда, каде што беа информирани за работата, се качија на една од грчките фрегати, како и на брзите американски чамци, а ја посетија и поморската база во Марати.

-Длабоко сум импресиониран од мојата посета на базата во Суда. Благодарение на Договорот за заедничка одбранбена соработка што со Никос Дендиас го потпишавме минатата година, нашите односи меѓу војските беа значително подобрени. Силната НАТО алијанса продолжува да придонесува за регионалната безбедност, напиша Помпео на „Твитер”.

Грчкиот премиер говорејќи за воената база рече дека е стратешка точка во поширокиот регион, „место каде што се среќаваат интересите на двете земји, заедно со оние на безбедноста и мирот”.

Американскиот државен секретар и грчкиот премиер имаа и работен ручек во домот на Мицотакис, каде што од вчера престојува Помпео, а попладнево предвидено е да го посетат археолошкиот локалитет Аптера.

Треба да знаете
Последни објави