Search

Помпео бара сериозно зголемување на притисокот врз Иран

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска ја повика меѓународната заедница да преземе „сериозни чекори за зголемување на притисокот врз Иран”, откако Техеран продолжи со збогатување ураниум во нуклеарна постројка Фордо.
Шефот на американската дипломатија вели дека „нуклеарните ескалации на Иран” се насочени да извршат изнуда од меѓународната заедница и оти САД „никогаш нема да дозволат тоа да се случи”.
„Проширувањето на иранските активности (…) предизвикува загриженост дека Техеран е во позиција да има опција за брз нуклеарен пробив”, се посочува во писмената изјава на американскиот државен секретар Мајк Помпео. САД, веќе подолг период го обвинуваат Иран дека се обидува да создаде услови за брз развој на нуклеарно оружје.
– Сега е време сите нации да ја отфрлат нуклеарната уцена на режимот и да преземат сериозни чекори за зголемување на притисокот, додаде Помпео.
Во Фордо од вчера почна вбризгување на ураниумски гас во центрифугите. Тоа е четврти чекор на Техеран за намалување на почитувањето на обврските од нуклеарниот договор потпишан со светските сили во 2015 година.

Треба да знаете
Последни објави