Search

Полскиот претседател ја спореди ЛГБТ идеологијата со комунистичката индоктринација

Полскиот претседател Анджеј Дуда во саботата ја спореди „ЛГБТ идеологијата“ со индоктринацијата на луѓето во времето на комунистичкиот режим.

Правата на ЛГБТ лицата станаа една од главните теми на кампањата пред претседателските избори закажани за 28-ми јуни во Полска, којашто е изразено католичка држава.

Претседателот Анджеј Дуда е сојузник на владејачката конзервативна партија Право и спреведливост (PiS), којашто ја отфрла темата за лезбиските, бисексуалните, геј и трансродовите (ЛГБТ) права, како странско влијание со која се поткопуваат полските традиционални вредности.

Дуда во средата ја промовираше ткн „семејна картичка“ од неговата изборна програма, како што е забраната склучување брак или за посвојување деца за истополовите двојки, како и забраната за учење на ЛГБТ прашањата во полските училишта.

„Генерацијата на моите родители четириесет години се бореше да ја елиминира комунистичката идеологија од училиштата, за децата да не бидат присилувани да ја учат. Па младите, децата, војниците и младинските организации не можеа да бидат индоктринирани“, рече полскиот претседател.

„Тие не се бореа за оваа идеолигија да се врати во уште подеструктивна форма“, порача Дуда од предизборниот собир во југозападниот град Брзег.

Очекувано некои од опозициските кандидати и ЛГБТ активистите го осудија говорот на Дуда.

На полските претседателски избори државната изборна комисија PKW регистрираше вкупно 10 кандидати, откако на четворица претенденти не им беа прифатени кандидатурите, главно затоа што не успеале да ги соберат неопходните 100.000 потписи за поддршка на нивната кандидатура.

Според државната изборна комисија, веќе се регистрирани изборните штабови, чии лидери се актуелниот шеф на државата, кандидат од владејачката партија PiS, Анджеј Дуда; Владислав Косињак-Камиш (Полската селанска партија); Роберт Бедрон (коалиција на левите сили); Шимон Холовнија (независен кандидат); Кшиштоф Босак (коалиција на националистите и евроскептиците Конфедерација); Станислав Жултек (Конгрес на новата десница); Марек Јакубјак (Федерација за Полска Република); Мирослав Пиотровски (Движење Реална Европа) и Павел Танаино (непартиски кандидат).

Изборите требаше да се одржат на 10-ти мај, но политичките несогласувања доведоа властите да немаат време да се подготват за нивното спроведување во новонастанатите услови во време на пандемијата на коронавирусот. Владејачката партија PiS и коалицискиот партнер решија да не се одржат изборите кои формално не беа откажани, а изборната комисија ги прогласи овие фантомски избори за неважечки. Истовремено, владејачката коалиција се најде во проблеми, бидејќи мандатот на актуелниот претседател Дуда завршува на 6-ти август. Поради настојувањата да не биде нарушен законот и уставот на земјата, првиот круг од изборите мора да се одржи најдоцна до 28-ми јуни.

Поради тоа и претендентите за поднесување претседателска кандидатура имаа малку време за да ги обезбедат потребните 100.000 потписи и за водење кампања. Покрај тоа, и неодамна донесениот закон во парламентот одредува дека листата кандидати регистрирани за изборите кои требаше да се одржат на 10-ти мај нема да се проширува со нови. Оние кои сакаа да се приклучат во предизборната трка имаа многу кус период да ги минат сите процедури.

Тоа особено се однесува на регистрацијата на кандидатурата на Рафал Тшасковски, од опозициската Граѓанска коалиција, за која изборната комисија изјави во четвртокто дека сѐ уште се разгледува, откако биле собрани потписите и особено откако опозицијата пред неколку седмици реши да ја промени својата кандидатка Малгоржата Кидава-Блонска, со Тшасковски.

Треба да знаете
Последни објави