Search

Полицијата ќе трага по Спасов

МВР ќе трага по осуденикот Игор Спасов, кој веќе една недела е во бегство, откако Судот во Штип во текот на вчерашниот ден издал наредба за спровод. Известувањето сѐ уште не е пристигнато во МВР, но оттаму посочуваат дека ќе постапат веднаш штом ќе го добијат.

Од Судот во Штип за „Фокус“ појаснуваат дека вчера во 14 часот добиле известување од затворот „Идризово“ дека Спасов не се појавил во затворот откако во петокот му истекол условниот отпуст, даден поради здравствени причини. Засега е нејасно зошто ова известување патувало цели четири дена од Скопје до Штип, бидејќи директорот на „Идризово“ Боби Мојсовски за „Фокус“ појасни дека известувањето го испратил во понеделникот.

Спасовски беше осуден на правосилна казна од 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски, што се случи на прославата на ВМРО-ДПМНЕ за победата на парламентарните избори. Тој зад решетки беше ставен во јуни 2011 година.

Засега се знае дека на 18 август годинава му изминал првиот прекин на затворската казна поради здравствени проблеми. Набрзо после неговото враќање во „Идризово“, Спасов побарал од судот и добил нов отпуст исто така поради здравствени проблеми, а барањето било поткрепено со соодветна медицинска документација.

Рокот за прекинот истекувал на 18 овој месец, односно минатиот петок. Барањата од прекин на казната поради здравствени проблеми Спасов ги поднесува и ги добива од минатото лето. Минатиот петок до полноќ тој не се вратил во затворската установа, ниту пак до нејзините надлежни испратил било какво известување за евентуално нов прекин на казната.

Треба да знаете
Последни објави