Search

Полицијата во Сан Франциско осомничена за кршење на слободата на говорот

Полицијата на Сан Франциско е под лупа на јавноста откако нејзин тим неодамна упадна насилно во домот на новинарот Брајан Кармоди, за да бара докази за случајот со смртта на јавен обвинител на градот Џеф Адачи.

Случајот е поврзан со протечениот полициски извештај за смртта на Адачи и полицијата истражува како Кармоди го добил во посед запечатениот материјал во кој се наведуваат непријатни детали за обвинителот, како употреба на наркотици и брачни измами, пред да биде најден мртов во февруари.

Кармоди потоа го продал извештајот на некои телевизиски канали.

Според познавачите, Адачи настапувал против полициско насилство и расизам кај некои повисоки функционери во полицијата. Неговите поддржувачи сметаат дека полицијата намерно го предала извештајот за да му наштети на угледот на Адачи.

Кога безбедносните служби упаднаа во домот на Кармоди, тие наводно употребиле чекани да ја пробијат влезната врата, му ставиле лисици и ги заплениле неговиот компјутер, лаптоп и телефон.

Повикувајќи се на слободата на говорот и Првиот амандман на Уставот на САД, адвокатите на Кармоди бараат Судот да го преиначи налогот за претрес и да ги врати одземените лични работи на новинарот.

Групите и активистите за заштита на слободата на печатот бараат увид во барањата за налогот на претрес.

Треба да знаете
Последни објави