Search

Полицаец прегазен додека вршел увид на сообраќајка во Велес

Полицаец бил повреден откако бил удрен од автомобил додека вршел увид на сообраќајна несреќа вчера на улицата Благој Ѓорев во Велес, информираше МВР.

Според полицијата, на инцидентот му претходела сообраќајка која се случила на истата улица околу 18 часот. Тогаш минибус „Аутосан” со велешки регистарски ознаки, управуван од С.П.(63) удрил во пешакот П.Ц. (58), двајцата од Велес.

Како што појасни портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, пешакот со лесни повреди со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општата болница Велес и по укажаната медицинска помош бил пуштен на домашно лекување.

-За време на увидот, околу 18.30 чaсот, полициски службеник, додека вршел обезбедување на местото, бил удрен од патничко возило „фолксваген голф” со велешки регистарски ознаки, управуван од А.Н.(45) од Велес. Од ударот полицискиот службеник добил лесни повреди и со службено возило бил пренесен во Општата болница Велес. По укажаната помош тој бил пуштен на домашно лекување, појасни Додевски.

Екипи на СВР Велес извршиле увид на местото на настанот, информира Додевски.

Треба да знаете
Последни објави