Search

Политички скандал ја тресе Виена, Курц вечерва ќе ѝ се обрати на јавноста

Австрискиот канцелар Себастијан Курц има тешка задача да одлучи за судбината на австриската влада, по скандалот во врска со вицеканцеларот и претседател на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Штрахе, кој веќе поднесе оставка од сите политички функции.

Оставката следува по објавувањето на видео-запис од 2017 година, на кој се гледа како Штрахе, на наводна внука на руски милијардер и нуди државни работи за финансиска помош на неговата партија.

Курц првично требаше да им се обрати на медиумите уште во 14 часот попладне, но потоа терминот беше преместен неколку пати, а сега конечно е објавено дека прес-конференцијата ќе се одржи во 19:45.

Австрискиот канцелар во моментов е под голем притисок од јавноста во земјата, но и од меѓународната заедница.

Пред седиштето на австриската влада, каде Курц се наоѓа од утринава, за предвремени избори протестираат околу 20.000 луѓе.

Исто така, австриските медиуми пренесоа дека тој добил многу повици од колеги од странство кои го советувале да ја раскине коалицијата со Слободарската партија на Штрахе.

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен најави дека и тој ќе се обрати во јавноста во врска со кризата во австриската влада, а пресот го најави во 20:35 часот.

Треба да знаете
Последни објави