Search

Политички азил единствената опција на Груевски да остане на слобода

Азил поради политички прогон е единствената опција која на поранешниот премиер Никола Груевски сега му е достапна за да остане на слобода, откако МВР против него распиша потерница бидејќи не се јави на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“. Во секој друг случај, независно од жалбата пред Врховниот суд, факт е дека тој е бегалец пред правдата.

Отежнувачка околност за Груевски е и тоа што против него се водат уште неколку постапки во кои е обвинет, па евентуална аболиција од претседателот Ѓорге Иванов би требало да се однесува на сите случаи на СЈО, а не само на „Тенк“. Но од друга страна, истиот факт тој може да го претстави и како доказ во негова полза деке е политички прогонуван.

Ова е можност која веќе ја искористиле двајцата вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои по апсењето во Грција се спасија од екстрадиција. Тамошниот Врховен суд ги уважил нивните жалби и укажувања дека во Македонија нема да имаат фер судење и ќе им биде загрозена сигурноста па побараа политички азил. Дали во меѓувреме им е одобрен азил не е познато на јавноста.

За разлика од Грујевски и Бошковски, кои со лажен идентитет ја напуштија земјава и избегаа во Грција, Груевски и да има пасош со друг идентитет би било потешко да ја премине легално границата. Тој е јавна личност и општо познат па тешко дека би ја преминал границата без евентуална помош од вработени во МВР, но не е исклучена и таа опција.

Друга можност е тој да ја премине границата нелегално, што му дава можност непречено да отпатува во било која држава бидејќи против него нема меѓународна потерница и таму да побара политички азил. Ако тоа не го направил му останува можноста да побара азил во некоја од дипломатските претставништва во Скопје. Независно што секоја амбасада има обврска да го засолни додека не се утврди дали реално постои политички прогон против барателот на азил, многу веројатно е дека Груевски би се решил да бара азил во неколку „пријателски“ држави, односно земји со чии лидери Груевски е во добри односи.

Познато е дека Груевски е во добри односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан, па реално е тој да побара азил во оваа држава. Случајно или не, Грујевски и Бошковски беа уапсени на аеродромот во Солун, кога со лажните бугарски пасоши се обидоа да отпатуваат за Будимпешта.

Редакцијата на 24 Инфо вчера преку електронска пошта побара одговор од амбасадата на Унгарија дали Никола Груевски евентуално побарал кај нив азил, но до денеска не добивме одговор на тоа прашање.

Игор Шегавиќ

Треба да знаете
Последни објави