Search

Познатиот италијански историчар Пецети ќе презентира необјавени документи за Холокаустот

Италијанскиот професир Марчело Пецети, научен директор на Фондацијата на холокаустот од Рим и еден од најважните италијански историчари на оваа тема, попладнево во Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје, ќе презентира необјавени документи поврзани со активностите на италијанските дипломати во странство за време на Втората светска војна, по објавувањето на расните закони во Италија во 1938 година.

Ова е дел од чествувањето по повод 76-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и 75-годишнината од повторното формирање на еврејската заедница, а е во организација на италијанската Амбасада, Еврејската заедница на Република Северна Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Пецети, кој бил научен советник во продукцијата на филмови добитници на наградата Оскар, како што се „Шиндлеровата листа” од Стивен Спилберг и „Животот е убав” од Роберто Бенињи, ќе презентира необјавени документи поврзани со активностите на италијанските дипломати во странство за време на Втората светска војна, по објавувањето на расните закони во Италија во 1938 година.

Овие документи се дел од важна изложба која тукушто беше инаугурирана во Рим, насловена како „И покрај должноста, должност. Италијанската дипломатија и прогонот на Евреите 1938-1943″, соопшти италијанската амбасада во Скопје.

Професорот Пецети одблизу ќе се фокусира на настаните поврзани со регионот, односно Скопје, Битола и Солун, а потоа ќе следи проекцијата на филмот „Меморија” (1997) во режија на Руџеро Габаи, базиран врз сеќавањата на италијанските Евреи кои го преживеале Аушвиц. Филмот, кој е награден на фестивалите во Берлин, Ерусалим и Нирнберг, ќе биде со превод на македонски јазик.

На настанот, што ќе се одржи во 17.30 часот, ќе се обратат Горан Садикаријо, директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Берта Романо-Николиќ претседател на еврејската заедница, италијанскиот амбасадор Карло Ромео, како и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски

Треба да знаете
Последни објави