Search

Под српско-унгарската граница откриен тунел за криумчарење мигранти

Минатиот викенд, унгарската полиција спречила повеќе од 300 мигранти илегално да влезат на територијата на Европска Унија.Граничните полицајци пронашле 54 лица кои се обидувале да ја прескокнат или да ја пресечат жичената ограда на унгарско-српската граница, додека 258 мигранти биле пронајдени во граничната зона без документи.

Повеќето од нив се декларираат како Сиријци, а потоа следуваат граѓани на Ирак, Иран, Авганистан и Палестина.

Полициските службеници во округот Бац-Кискун, во соработка со унгарската војска, откриле тунел под жичената ограда на границата, во близина на градот Морахал. Унгарската полиција смета дека тунелот висок 40 сантиметри и долг 24 метри бил користен за криумчарењена мигранти од српска кон унгарска страна.

Тоа е трет подземен премин под оградата што унгарските гранични власти го откриле минатата година во тоа подрачје, пренесува РТС.

Говорејќи на националната телевизија М1, Џерџ Баконди, советник за национална безбедност на унгарскиот премиер, рече дека илегалната миграција би можела да се запре ако има политичка волја на државите на нивниот пат да ги затворат границите за нив, што се покажа за време на епидемијата на коронавирус.

По неколкумесечното затишје поради пандемијата и затворените граници, Унгарија повторно бележи големо зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да стигнат до Европската Унија од крајот на мај. Речиси 900 обиди за илегално преминување на границата беа забележани минатата недела.

Унгарските власти повторуваат дека Унгарија нема да ја отстрани оградата на унгарско-српската граница, туку ќе ја зајакне одбраната на шенген-границите со цел да се зачува безбедноста на граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави